Пребарување

DRCONGO-HEALTH-EPIDEMIC-VIRUS-TRANSPORT

Папата апелира за меѓународна помош за жртвите од ебола во ДР Конго

Папата Лав XIV повика на меѓународна грижа за луѓето погодени од епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, како и за жртвите од рударската несреќа во Централноафриканската Република.

За време на молитвата Ангел Господов во недела, 23 август 2026 година, папата Лав XIV се осврна на тековната епидемија на вирусот ебола во Демократска Република Конго.

„Во моите молитви често се сеќавам на Демократска Република Конго, особено поради ширењето на епидемијата на ебола, која, за жал, одзема многу животи“, рече Папата.

Тој упати апел до меѓународната заедница да одговори на епидемијата.

„Го охрабрувам одговорот на меѓународната заедница што ќе ги вклучи и локалните заедници во напорите за превенција, со цел да се спасат многу човечки животи“, рече Светиот Отец.

Досега починале повеќе од 2.500 луѓе од 5.300 потврдени случаи на сојот Бундибугио на вирусот ебола, за кој во моментов нема одобрен третман или вакцина.

Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата во мај 2026 година, откако беа пријавени случаи во ДР Конго и во Уганда.

Министерот за здравство на ДР Конго изјави дека земјата примила повеќе од 16.000 дози од вакцината Ервебо, која е ефикасна против други соеви на ебола.

Напорите за запирање на ширењето на вирусот се отежнати од вооружениот конфликт меѓу владините сили и вооружените групи што ги контролираат главните градови каде што е концентрирана епидемијата.

Молитви за жртвите од рударската несреќа во ЦАР

Одделно, папата Лав XIV се помоли и за жртвите од рударската несреќа во Централноафриканската Република.

„Исто така, сум близок до народот на Централноафриканската Република, кој тагува по жртвите од уривањето што се случи во рудникот во Замбоје“, рече Папата.

„Нека Господ ги прими оние што го загубија животот и нека ги поттикне напорите за обезбедување безбедност и законитост на рударските локации“, додаде тој.

Повеќе од 100 луѓе загинаа на 18 август, кога свлечиште погодило отворен рудник за злато во Замбоје. Владата соопшти дека локацијата веќе била затворена пред несреќата.

23 август 2026, 15:38

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >