Пребарување

Pope Leo XIV leads the Angelus prayer at Vatican

Папата: Како Лазар, да го слушнеме Господовиот повик за нов живот

На неделната молитва Ангел Господов папата Лав XIV, размислуваше за евангелскиот настан за воскресението на Лазар и истакна дека тој нè повикува кон полнотата на животот, да бидеме обновени од Божјата благодат и да одиме во светлината на љубовта, одразувајќи ја Божјата неизмерна милосрдност.

Поздравувајќи ги посетителите и ходочесниците собрани на плоштадот „Свети Петар“ за пладневната молитва, на Петтата недела од Великиот пост, во недела 22 март 2026 година, Папата се задржа на воскресението на Лазар, „знак што зборува за Христовата победа над смртта и за дарот на вечниот живот, кој го примаме преку Крштението“.

Во своето размислување, Светиот Отец потсети на Исусовите зборови упатени кон Марта, сестрата на Лазар: „Јас сум воскресението и животот. Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее; и секој што живее и верува во Мене, никогаш нема да умре“.

Подготовка за Страсната седмица

Евангелието што се чита оваа недела доаѓа непосредно пред Страсната седмица, кога повторно ги проживуваме настаните од Господовите страдања: влегувањето во Ерусалим, Последната вечера, судењето, распнувањето, погребението. Така, рече Папата, можеме подобро да се подготвиме, подлабоко да го разбереме нивното значење и да бидеме отворени за дарот на благодатта што тие го носат.

„Овие настани се исполнуваат во воскреснатиот Христос, Кој ја победи смртта и живее во нас преку Крштението, за наше спасение и за полнотата на животот“, нагласи Папата.

Благодатта што го просветлува светот

Божјата благодат го просветлува светот, потсети Папата, а ние често се губиме во потрагата по работи што не можат да ни дадат трајна среќа: постојната жед за новитети што ни го троши времето, енергијата, вредностите и чувствителноста за другите, „како да би можеле славата, материјалните добра, забавата или минливите врски да го исполнат срцето или да нè направат бесмртни“.

Во секого од нас постои „копнеж по бесконечното“, продолжи Папата, потреба што не може да се засити со минливи работи. И како што пишува свети Августин: „Создадени сме за Бога и немаме мир додека не се успокоиме во Него“.

Да ги тргнеме „камените блокови“

Папата повика да видиме како воскресението на Лазар нè поттикнува, со помошта и силата на Светиот Дух, „да ги ослободиме срцата од навики, условености и начини на мислење што, како камени блокови, нè затвораат во гробот на себичноста, материјализмот, насилството и површноста“.

„Исус и нам ни повикува: ‘Излези!’, поттикнувајќи нè да излеземе од овие стеснети простори, обновени од Неговата благодат, за да одиме во светлината на љубовта, како нови жени и мажи, способни да се надеваат и да љубат, без пресметка и без мера, според примерот на Неговата бескрајна љубов“, рече Папата.

Пред молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV повика да молиме за помош од Пресвета Богородица „за да ги проживееме овие свети денови со нејзината вера, доверба и верност, и во нас секојдневно да се обновува славното искуство на средбата со нејзиниот воскреснат Син“.

24 март 2026, 07:32

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >