Папата се моли за жртвите од насилството во југозападна Колумбија
Папата Лав XIV се осврна на ескалацијата на насилството во југозападна Колумбија, поздравувајќи ги шпанските ходочесници за време на Генералната аудиенција во среда, 29 април 2026 година.
Бунтовнички групи извршија најмалку 26 напади врз цивили и воени бази од минатиот петок, при што загинаа десетици луѓе.
Во својот поздрав, Папата со „тага и загриженост“ се осврна на состојбата во Колумбија.
Тој изрази жалење за „сериозната загуба на човечки животи“ и се помоли за жртвите на насилството во регионот.
„Ја изразувам својата молитвена близина до жртвите и нивните семејства“, рече тој, „и ги повикувам сите да отфрлат секаков облик на насилство и решително да го изберат патот на мирот“.
Ескалација на насилството пред изборите во мај
Бранот насилство доаѓа пред претседателските избори во Колумбија, закажани за 31 мај.
Властите ги припишуваат нападите на групата позната како FARC-EMC, огранок на бунтовничката група FARC, односно Револуционерните вооружени сили на Колумбија, која се распушти како дел од мировниот договор со владата во 2016 година.
Групата, според извештаите, извршила најмалку 26 напади од 24 април, при што загинале десетици луѓе.
Во саботата, во смртоносна експлозија на автопатот меѓу градовите Кали и Попајан загинаа 21 лице.
Според аналитичарите, FARC-EMC можеби се обидува да ја покаже својата сила и да го потврди својот кредибилитет пред новиот претседател што ќе биде избран кон крајот на мај.
Групата ја предводи Нестор Вера, попознат како Иван Мордиско, кој одби да се приклучи на мировниот договор од 2016 година.
Бунтовниците развија големо присуство во провинциите Каука и Вале дел Каука, борејќи се за контрола врз патиштата за трговија со дрога и нелегалните рудници за злато.
Групата започна мировни преговори со колумбиската влада кон крајот на 2023 година, но една фракција ги напушти разговорите во април 2024 година и повторно ја започна борбата против владата.
FARC-EMC користи дронови и автомобили-бомби за заплашување на локалното население, а извршува и киднапирања и наметнува давачки врз жителите во областа за да обезбеди приходи.
