Генерална аудиенција: Патувањето низ Африка беше порака за мир во време на војна
„Му благодарам на Господ што ми даде можност“ да остварам апостолско патување во четири африкански земји и „да го доживеам како порака за мир во време обележано со војни и сериозни и чести кршења на меѓународното право“, рече папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција во среда на 29 април 2026 година, на плоштадот „Свети Петар“.
Папата ги посети Алжир, Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја, следејќи ги стапките на свети Августин, апелирајќи за мир во подрачја исполнети со тензии и среќавајќи се со народ кој го пречекуваше со песни, танци и радост.
„Не можам да го заборавам она што се случи во затворот во Бата, во Екваторска Гвинеја“, рече Папата, осврнувајќи се на еден од најсилните моменти од своето патување.
Тој нагласи дека ја остварил посетата како „пастир, за да се сретне и да го охрабри Божјиот народ“.
За народите на Африка, Папата рече дека неговата посета претставувала „можност да се слушнат нивните гласови, да се изрази радоста што се Божји народ и надежта за подобра иднина, за достоинство за секого“.
„Среќен сум што ја имав оваа можност, а во исто време Му благодарам на Господ за она што ми го дадоа тие мене – непроценливо богатство за моето срце и за мојата служба“, рече тој, изразувајќи благодарност до граѓанските власти, како и до верските и црковните претставници.
Алжир: Градење и зајакнување мостови
Првата станица на папата Лав XIV беше Алжир, каде што ги следеше стапките на својот духовен учител, свети Августин, и се сретна со малобројната католичка заедница, како и со претставници на други религии.
„Од една страна, ги преиспитував корените на мојот духовен идентитет, а од друга страна, ги градев и зајакнував мостовите што се многу важни за светот и Црквата денес: мостот со богатата ера на црковните отци, мостот со исламскиот свет и мостот со африканскиот континент“, рече Папата.
Тој истакна дека ова искуство покажало дека е можно луѓето да живеат како браќа и сестри, и покрај верските разлики, кога се препознаваат како деца на истиот милосрден Отец.
Папата додаде дека свети Августин останува важен пример за сите, како „учител во потрагата по Бога и по вистината“.
Народи жедни за правда
Потоа Папата ги посети Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја, каде што беше пречекан во радосна атмосфера.
Тој истакна дека таму сретнал народи „жедни и гладни за правда“, на кои им ја објавил пораката на блаженствата.
Камерун: Единството како пат кон иднината
Во Камерун, Папата го засили повикот за помирување и мир, особено за време на посетата на Баменда, регион погоден од конфликти.
Тој потсети дека Камерун често се нарекува „Африка во минијатура“, не само поради природното богатство, туку и затоа што во него се огледуваат предизвиците на целиот континент: праведна распределба на богатството, простор за младите и одржлив развој.
Папата изрази надеж дека духот на единство што го доживеал таму ќе продолжи да ги води идните одлуки.
Ангола: Надеж што трае
Во Ангола, Папата нагласи дека и покрај тешката историја, Црквата продолжила да расте во служба на Евангелието, помирувањето и мирот.
„Слободна Црква за слободен народ!“, истакна тој.
Во светилиштето Мама Муксима, Папата го почувствувал „чукањето на срцето на народот“, гледајќи ја живата вера и радост на верниците.
Тој во тоа препозна „темел на надеж што опстојува и покрај разочарувањата од идеологиите и празните ветувања“.
Екваторска Гвинеја: Знаци на Божјото Царство
Папата се осврна и на посетата на затворот во Бата, која ја опиша како многу потресна.
„Затворениците пееја со силен глас, благодарејќи Му на Бога и молејќи за своите гревови и за слобода. Никогаш не сум видел нешто слично“, рече тој.
„И потоа се молеа со мене на силен дожд. Вистински знак на Божјото Царство!“
Подоцна истиот ден, Папата се сретна со младите на градскиот стадион, каде што се одржа славење исполнета со радост и сведоштва.
Оваа радост, рече тој, кулминира со евхаристиското славење следниот ден, со која се заокружи целото апостолско патување.
