Пребарување

2026.03.25 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Епископите се во служба на Божјиот народ, чувари на богатството на верата

На Генералната аудиенција одржана во среда, 25 март 2026 година, на плоштадот „Свети Петар“, Папата говореше за хиерархиската структура на Црквата, поаѓајќи од догматската конституција Lumen gentium. Апостолите, рече тој, се живи столбови на нејзиното Мистично Тело, во служба на единството, посланието и посветувањето на сите нејзини членови.

Во низата катехези за догматската конституција Lumen gentium на Вториот ватикански собор за Црквата, папата Лав XIV се задржа на нејзината хиерархиска форма.

Живи столбови

Католичката Црква го наоѓа својот темел во апостолите, кои Христос ги сакаше како живи столбови на Своето Мистично Тело, и поседува хиерархиска димензија што дејствува во служба на единството, посланието и посветувањето на сите членови. Овој свет поредок трајно е втемелен врз апостолите, како веродостојни сведоци на Исусовото воскресение и оние што Самиот Господ ги испрати во мисија во светот.

Да се зачува апостолското послание

Бидејќи апостолите се повикани верно да ја чуваат спасителната наука на Учителот, тие своето служење го предаваат на луѓе кои, сè до Христовото враќање, продолжуваат да ја посветуваат, водат и поучуваат Црквата „преку своите наследници во пастирската служба“, додаде Светиот Отец:

„Ова апостолско наследство, втемелено во Евангелието и Преданието, е продлабочено во третото поглавје на Lumen gentium, насловено: ‘Хиерархиско устројство на Црквата, особено епископатот’. Соборот учи дека хиерархиската структура не е човечка творба, функционална за внатрешната организација на Црквата како општествено тело, туку божествена установа чија цел е трајно да го зачува посланието што Христос им го довери на апостолите до свршетокот на времето.“

Служебното свештенство

За да се разбере намерата на Соборот, потребно е внимателно да се прочита насловот на третото поглавје од Lumen gentium, кое ја изложува основната структура на Црквата, примена од Бог Отецот преку Синот и довршена со излевањето на Светиот Дух, објасни Папата и продолжи:

Документот се сосредоточува на служебното, односно хиерархиското свештенство, кое суштински, а не само по степен, се разликува од заедничкото свештенство на верниците, потсетувајќи дека и двете се насочени едно кон друго, затоа што секое на свој начин учествува во единственото Христово свештенство.

Заедништвото на апостолското послание

Папата потсети дека Соборот говори за службата што се пренесува на луѓе обдарени со света власт за служење во Црквата. Посебно се задржува на епископатот, потоа на презвитератот и ѓаконатот како степени на една иста тајна на свештеничкиот ред.

Со придавката „хиерархиски“, Соборот сака да го означи светото потекло на апостолската служба во делувањето на Исус, Добриот Пастир, како и нејзините внатрешни односи. Епископите најнапред, а преку нив и презвитерите и ѓаконите, ги примиле задачите (лат. munera) служејќи на сите кои му припаѓаат на Божјиот народ, за слободно и уредно да тежнеат кон истата цел и да стигнат до спасението. Lumen gentium повеќепати и силно потсетува на колегијалниот и заедничарскиот карактер на оваа апостолска мисија, нагласувајќи дека „службата што Господ им ја довери на пастирите на Својот народ е вистинско служење“, кое во Светото Писмо се нарекува „diakonia“, односно „служење“.

„Драги сестри и браќа, да Го молиме Господ да ѝ испрати на Својата Црква служители ревносни во евангелската љубов, посветени на доброто на сите крстени и храбри мисионери во сите делови на светот“, со овие зборови ја заврши катехеза Светиот Отец.

26 март 2026, 07:31

Последни Ауденции

Прочитајте сé >