Генерална аудиенција: Мирјаните ѝ помагаат на Црквата да допре д
Придонесот, служењето и сведочењето на мирјаните се од суштинско значење за градењето на Црква што допира до сите и го шири Евангелието, заедно со правдата, љубовта и мирот, рече папата Лав за време на Генералната аудиенција во среда, на 1 април 2026 година, на Плоштадот Свети Петар.
„Широкото поле на мирјанскиот апостолат не е ограничено само на Црквата, туку се протега и на светот“, истакна папата Лав.
„Црквата е присутна секаде каде што нејзините чеда го исповедаат и сведочат Евангелието: на работното место, во граѓанското општество и во сите човечки односи, секаде каде што тие, преку своите избори, ја покажуваат убавината на христијанскиот живот, кој уште овде и сега ги навестува правдата и мирот што ќе се исполнат во Божјото Царство.“
Папата Лав XIV ја продолжи својата катехеза посветена на документите на Вториот ватикански собор, повторно осврнувајќи се на Догматската конституција за Црквата од 1964 година, Lumen gentium.
Во оваа катехеза тој нагласи дека мирјаните имаат важна улога за Црквтаа што „излегува“, како што сакаше да каже папата Фрањо, односно „Црква вградена во историјата“ и „секогаш отворена“ за посланието да сведочи за Евангелието.
Еднаквост на сите крстени
Папата Лав нагласи дека четвртото поглавје од Lumen gentium настојува „на позитивен начин да ја објасни природата и посланието на мирјаните, по векови во кои тие беа определувани едноставно како оние што не припаѓаат на свештенството или на посветениот живот“.
Поврзувајќи се на својот претходник, папата Фрањо, тој истакна дека „мирјаните, наједноставно кажано, го сочинуваат огромното мнозинство од Божјиот народ“, додека ракоположените служители се малцинство и се во служба на тој народ.
Природата и посланието на мирјаните, продолжи папата Лав, се втемелени во фактот дека избраниот Божји народ е еден и ја споделува истата заедничка достоинственост во Христа. „Пред секоја разлика во службата или во состојбата на животот, Соборот ја потврдува еднаквоста на сите крстени“, нагласи тој.
„Конституцијата не сака да го заборавиме она што веќе го потврди во поглавјето за Божјиот народ, имено дека состојбата на месијанскиот народ е достоинството и слободата на Божјите чеда.“
Божјиот народ не е безоблична маса
Откако објасни дека важната улога на мирјаните произлегува од достоинството на нивното крштение и од нивната припадност кон Божјиот народ, Папата забележа дека Соборот исто така го нагласува нивното послание „во Црквата и во светот“.
Поврзувајќи се на 31. точка од Lumen gentium, папата Лав подвлече дека мирјаните „на свој начин стануваат учесници во свештеничката, пророчката и царската служба на Христос; и го извршуваат својот дел од посланието на сиот христијански народ“.
„Светиот Божји народ, според тоа, никогаш не е безоблична маса, туку Тело Христово или, како што велеше свети Августин, Christus totus“, односно целиот Христос, продолжи Папата.
Божјиот народ „е заедница органски устроена преку плодниот однос меѓу двата вида учество во Христовото свештенство: општото свештенство на верниците и службеното свештенство“, рече папата Лав.
„По силата на Крштението, мирјаните учествуваат во самото Христово свештенство“, додаде тој.
На крајот, папата Лав потсети дека свети Иван Павле II во својот Апостолски поттик Christifideles laici од 1988 година нагласува дека Соборот „како никогаш порано пишувал за природата, достоинството, духовноста, посланието и одговорноста на мирјаните“ и ги повикува сите мирјани на активно учество во Црквата преку нивниот апостолат.
„Велигден, празникот за кој се подготвуваме да го прославиме, нека ја обнови во нас благодатта да бидеме, како Марија Магдалена, како Петар и Иван, сведоци на Воскреснатиот“, заврши папата Лав.
