2020.03.27 momento straordinario di preghiera pandemia_Statio Orbis

Годишнина од упокојувањето на папата Фрањо: Глас во ранетиот свет

Од плоштадот „Свети Петар“ до плоштадот „Македонија“ во Скопје, папата Фрањо сведочеше за Црква што слуша, моли и ги лекува раните на светот. Ќе остане запаметен како пастир на милосрдието и глас на страдалниците

Пишува: протојереј отец Гоце Костов

Изборот на папата Фрањо во март 2013 година означи почеток на едно ново поглавие во животот на Католичката црква. Кардиналот Хорхе Марио Бергољо од Буенос Аирес излезе на ложата на базиликата Свети Петар поздравувајќи го присутниот народ со „Добро вечер“, поздрав што јасно покажуваше дека посакува близина со народот, но уште повеќе беше впечатливо неговото барање Божјиот народ да се помоли за него. Овие неколку едноставни гестови го навестија правецот во кој ќе се движи неговиот понтификат: Пастир кој оди заедно со народот, кој своето папство го разбира во служба на заедништвото, но и сведоштво за евангелска понизност.

Можеби не беше врвен теолог како неговите претходници Иван Павле II и Бенедикт XVI. Сепак, неговиот понтификат е во континуитет со нив, затоа што многу добро ја познаваше човечката реалност. Умееше на свој карактеристичен начин таа врвна теологија да ја преточи во пасторален пристап, односно да ја донесе љубовта и милосрдието во центарот на теолошкото размислување и да ја врати теологијата на нејзините корени, Евангелието. За папата Фрањо милосрдието е првиот Божји одговор за човечката ранетост и го постави како призма преку која се отсликува животот на Црквата и нејзиното послание. Јубилејната година на милосрдието беше кулминација на овој теолошки пристап: повик на Црква која простува, Црква која е како „теренска болница“, која прифаќа и ги лекува раните, која го носи Христовото лице и на географските и на егзистенцијалните периферии. Тој често зборуваше за „Црква која излегува“, развивајќи во Апостолскиот поттик Evangelii Gaudium еклезиологија на излегување, на мисија, истакнувајќи дека Црквата постои за да евангелизира, да оди на перифериите и да сведочи.

Оваа визија за Црквата се протега и во енцикликите Laudato si’ и Fratelli tutti. Во Laudato si’ се развива интегрална екологија која ја поврзува грижата за созданието со грижата за човекот, додека Fratelli tutti ја поставува социјалната димензија на верата како пат кон општо братство. Овие текстови ја прошируваат класичната социјална наука на Црквата, внесувајќи антрополошка и духовна перспектива.

Често истакнуваше дека светот е во „Трета светска војна во делови“. Ова пророчко предупредување е уште поактуелно во денешниот контекст, истакнувајќи дека човештвото е рането од низа конфликти, неправди и насилства што се одвиваат на различни места, но со истите трагедии… За него војната секогаш беше пораз на човештвото, пораз на политиката, пораз на совеста. Често предупредуваше дека не смееме да се навикнеме на војната. Неговите бројни повици на молитва за мир, деновите на пост и молитва, како и неговото постојано инсистирање дека секој човечки живот е свет, го претставија како Папа кој среде светските трагедии остана глас на страдалниците.

Посебно важно место во понтификатот на папата Фрањо зазема синодалниот процес, преку кој настојуваше да ја обнови свеста дека Црквата е Божји народ кој оди заедно. За него синодалноста беше пат на слушање, распознавање и заедничка одговорност. Со Синодата за синодалност, ја повика Црквата повторно да учи да го слуша Божјото слово, гласот на пастирите, верата на народот и прашањата на современиот човек.

Кога целото човештво беше заробено во страв од пандемијата, папата Фрањо на 27 март 2020 година стоеше на дождливиот и празен плоштад „Свети Петар“, сам пред Распетието и пред иконата Salus Populi Romani. Во тој момент се покажа како пастир кој ја споделува болката со човештвото и со целата Црква. Молејќи се за човештвото, уверуваше дека Господ не го напушта својот народ ни во најмрачните моменти. Како што тогаш, во пандемијата, упати молитва за целото човештво, така денес, на годишнината од неговото упокојување целата Црква се моли за него.

На плоштадот „Македонија“ во Скопје, на 7 мај 2019 година, на само неколку метри од родната куќа на Мајка Тереза, папата служеше света Литургија, поврзувајќи ја неговата теологија на милосрдие со конкретното сведоштво на светицата од Скопје, која според зборовите на епископот Стојанов, Македонија ја даде на светот како сведоштво дека милосрдието има лице, име и дело.

Неговата Петрова служба ќе остане запаметена како понтификат на милосрдието и близината со луѓето. И покрај неговата влошена здравствена состојба и последниот ден од својот живот, пред да замине во прегратките на Отецот на Светол Понеделник, го искористи за последен пат да му се обрати на градот и светот (Urbi et orbi) оставајќи завет Црквата да продолжи да оди заедно, да слуша, да се моли, да страда со светот и никогаш да не престане да сведочи дека Евангелието е радосна вест и за најранетиот човек на нашето време.

21 април 2026, 08:15