Светиот Престол: Треба да се препознаат ризиците од расните предрасуди во вештачката интелигенција
Чумата на дискриминацијата, заснована врз погрешни претпоставки за расна надмоќ, денес е присутна и во дигиталниот свет, каде што моделите на вештачка интелигенција можат да ги репродуцираат стереотипите и предрасудите содржани во податоците на кои се темелат. Тргнувајќи од размислувањата на папата Лав XIV во пораката по повод 60. Светски ден на средствата за општествена комуникација, Делегацијата на Светиот Престол при ОН донесе изјава на комеморативниот состанок по повод 60-годишнината од Меѓународниот ден за борба против расната дискриминација, одржан во понеделник, 23 март 2026 година, во Њујорк. Во изјавата се повикува на засилување на образовните напори, особено во областа на дигиталната писменост, за да се поттикне свеста за тоа како алгоритмите можат да влијаат врз перцепцијата и да навлезат во просторот на човечкото достоинство.
Борба против расизмот и признавање на достоинството на секоја личност
Светиот Престол повторно ја потврдува својата целосна и недвосмислена осуда на расизмот и расната дискриминација во сите нивни облици. Воедно, нагласува дека, на 60-годишнината од прогласувањето на Меѓународниот ден за борба против расната дискриминација, опстојувањето на расизмот црпи сила од недостатокот на признавање на фактот дека вроденото достоинство на секоја личност не зависи од нејзината „корисност“ или од околностите. Иако на прв поглед се чини дека расизмот продолжува да се манифестира како дискриминација заснована врз погрешни претпоставки за расна надмоќ, на подлабоко ниво оваа појава делува преку посуптилни и посложени механизми, какви што се присутни и во дигиталниот свет.
Политики и практики во одбрана на правата на сите луѓе
Папата предупреди дека преку моделите на вештачка интелигенција, кои се обликувани од светогледот на оние што ги создаваат, можат да се наметнат различни предрасуди, вклучително и расни. Светиот Престол заклучува дека, во светлина на овие предизвици, не е доволно да се мобилизира политичка волја ако таа не е придружена со искрено залагање за признавање на еднаквото достоинство и правата на секоја личност.
Римскиот епископ, во овогодишниот говор пред членовите на дипломатскиот кор акредитиран при Светиот Престол, истакна дека човечките суштества се создадени според ликот и подобието Божјо, Кој ги создал од љубов и истовремено ги повикал на љубов. Затоа, преточувањето на ова уверување во политики и практики може да ги ослаби корените на расизмот и да ги зајакне врските на нашето глобално семејство, се вели на крајот од изјавата на Делегацијата на Светиот Престол при Обединетите нации.