Пребарување

2023.02.23 intervista mons GUGEROTTI

Кардинал Гуџероти: Да даруваме за да не станеме соучесници со оние што го палат светот

Префектот на Дикастеријата за Источните Цркви објаснува што значи колектата на Велики Петок во денешниот контекст на војна: „За оние што изгубиле сè во тие краишта, се работи за опстанок. Како христијани, наша должност е да ја обновиме надежта.“

Како и секоја година, на Велики петок ќе се соберат прилози наменети за Светата Земја. Тоа е важна иницијатива на солидарност на целата Црква, со која се поддржуваат Црквите и христијанските заедници во Светата Земја.

Оваа година колектата се одвива во контекст на војна што изгледа дека брзо се шири и предизвикува драматични последици за сите во регионот.

Во писмо упатено до целата Католичка Црква, со кое ги охрабрува верниците да придонесат во традиционалната Collecta pro Terra Sancta (Колекта за Светата Земја), кардиналот Клаудио Гуџероти, префект на Дикастеријата за Источните Цркви, го осуди непрекинатото татнење на оружјето и повика на размислување, за да не станеме соучесници со оние што го палат светот.

„Имам впечаток дека поголемиот дел од светот не ја согледува катастрофата што ја погодува нашата цивилизација. Оние што денес ја поттикнуваат војната, уништуваат сè што е изградено по Втората светска војна“, нагласи кардиналот. „Не зборувам само за идеали, туку и за луѓе и за работи, па дури и за историски споменици од неизмерна вредност.“

Ова интервју е уредено за поголема јасност.

Во овој контекст, како треба да се разбере колектата за Светата Земја?

Тоа е преземање одговорност кон нашите браќа и сестри кои продолжуваат да умираат, погодени од бесмисленото насилство што го зафаќа светот, и кои немаат ни храна ни средства да се грижат за себе. Треба да ја понесеме нивната мака, затоа што тие не се „други“ од нас, тие се наша сопствена плот.

Ваше Еминенцијо, што значи војната што ја гледаме за христијанските заедници во Светата Земја?

Христијанските заедници, кои отсекогаш имале чувство дека се само „толерирани“, сега стравуваат дека повеќе нема да бидат толерирани. Затоа сакаат да заминат.

Земете го примерот на Сирија: за само неколку години изгубивме 80% од христијаните. Тоа значи дека Светата Земја, земјата каде што се родил Исус, каде што се развило раното христијанство, каде што се оформиле првите Литургии, каде што првите Отци на Црквата му говореле на светот и ја збогатиле доктрината, каде што се одржале Соборите, е во опасност да остане без жива христијанска присутност, присутност на конкретни жени и мажи, која е суштински дел од нејзиниот идентитет.

Како Црква, не можеме да се помириме со тоа, ниту да ги оставиме овие заедници, кои се дел од нас, на таква судбина. Освен тоа, оваа дискриминација не ги погодува само нив, туку и сите „малцинства“, кои порано или подоцна ќе бидат или се веќе загрозени на ист начин.

Станува збор за многу древни заедници, со јасна и цврста христијанска вера, силен дух на солидарност и голема приврзаност кон Црквата, која им била мајка на сите: се грижела за нивните деца, наоѓала сместување за да можат да издржат, ги поддржувала нивните мали бизниси, а пред сè ја одржувала жива нивната вера и чувството за смисла. Каде ќе одат? Кој ќе ги пречека? Кој ќе го зачува нивниот идентитет, без кој и самата Црква би била многу ранета?

Обично средствата од колектата се користат за развојни проекти, микро-бизниси, обнова и реставрација на светите места. Кои се приоритетите денес?

Денес станува збор за опстанок.

Секогаш кога ќе се отвори и најмала можност што ни дозволува да бидеме присутни, правиме сè што можеме за да спасиме животи, иако често наидуваме на пречки. Не зборуваме само за Светата Земја во тесна смисла. Војната се шири на застрашувачки начин, а изгледа дека никој не размислува што значи тоа, и политички и човечки, но и религиски.

Кој може да го објасни значењето на сето ова? Што значи повторно да се наметнуваат грубите категории „добри луѓе“ и „лоши луѓе“? Нашата прва задача сега е да помогнеме, не само на христијаните, туку и на сите кои се во слична состојба, да преживеат и да ги одбранат своите права.

Една од главните области е образованието и воспитувањето на младите…

Размислуваме да му предложиме на Светиот Отец дел од колектата да се насочи за плаќање школарина за христијански деца кои посетуваат наши училишта во земјите на Светата Земја и на Блискиот Исток.

Тоа се сиромашни семејства кои одат дотаму што ги ставаат под хипотека своите домови, само за да ги школуваат децата и да не им се изгуби културното наследство. Помагајќи им на христијанските семејства на овој начин, им помагаме да останат и да им обезбедат иднина на своите деца во сопствените земји. Луѓето отсекогаш биле дарежливи за Колекатат за Светата Земја, а сознанието дека нивните дарови им овозможуваат на децата да се вратат во училиште, сигурно е силен поттик за таа дарежливост.

Изгледа дека јавната свест за меѓународните настани опаѓа. Каква порака би упатиле за да се разбуди сочувството?

Бескорисно е да се остане на апстрактни теории. Треба да ги гледаме конкретните детали за да разбереме дали ова е светот што го сакаме. Од христијанска перспектива, работиме да градиме општество спротивно на она што го учи Евангелието.

Во умот на многумина, за жал, Бог е заменет со парите, а таквиот идол бара човечки жртви. Премногу луѓе, дури и меѓу оние што се нарекуваат христијани, како единствена цел ја гледаат финансиската добивка, која во стварноста им користи на малкумина, а им носи беда на цели народи. Господ јасно рече: „Не можете да им служите и на Бога и на мамона.“

Да се запрашаме, тогаш, како би реагирале ако еден ден нашите сопствени деца бидат одведени и испратени во војна. Да се запрашаме зошто нашите млади се чувствуваат толку изгубено и зошто сè повеќе се искушувани од насилство или самоуништување.

Во таа смисла, Колектата за Светата Земја претставува значајна форма, меѓу многу други, на заедничко мобилизирање за да кажеме: постојат луѓе што страдаат поради она што се случува на местата каде што се чувствува Исус Христос, каде што и самиот воздух го носи она што Тој го дишел и што го вложил во него. Да не дозволиме да се избрише светотаинската природа на тие места и на тие народи. Тоа е знак за целиот свет.

21 март 2026, 07:12