Папата се сретна со болните и сиромашните во Римини: „Овде сте дома“
По средбата со учесниците на 47. „Средба за пријателство меѓу народите“, папата Лав XIV отпатува во катедралата во Римини, каде што се сретна со болни лица, лица со попреченост и луѓе кои живеат во сиромаштија, а на кои им помага Каритас.
Изразувајќи благодарност за оваа средба, Папата објасни дека катедралата е место каде што тие се „дома“, бидејќи Исус ги примал болните, сиромашните и лицата со попреченост, ги поставувал во ценатрот, „за да ги исцели и да им врати живот достоен за нивното достоинство“.
На тој начин, рече Папата, Исус ја покажал Божјата љубов и Неговата бескрајна милост. Откако ги доживеале тие знаци и биле исцелени, овие луѓе Го следеле Исус и станале дел од заедницата на Неговите ученици.
Папата Лав XIV ги повика сите да го следат овој пример. Повикани сме да Му дозволиме на Исус да нè исцели, да ни прости и да нè преобрази. Потоа сме повикани заедно да одиме во Неговата Црква, односно во заедницата што Тој ја создаде за да го донесе Евангелието до сите.
Со таа мисла, Папата уште еднаш им се заблагодари на присутните и ги охрабри „да Го следат Господ преку активно учество во животот на Црквата, парохијата, здруженијата и местата на прифаќање и служење“.
Токму во тие моменти, рече тој, учиме и ја доживуваме големата Божја љубов и сфаќаме дека сите сме Негови деца и браќа и сестри едни на други.
Диоцезанскиот Каритас во Римини нуди различни услуги за помош и грижа за најранливите луѓе во локалната заедница. Меѓу иницијативите се народна кујна, служба за поддршка на постари лица, служба во затворите и теренска помош за луѓето на улица.
