1780775163026.JPG

Папата ги повика шпанските млади да бидат „искри на ново човештво“

На средбата со младите Шпанци, во сабота вечер 6 јуни 2026 година, за време на молитвеното бдение во Мадрид, папата Лав XIV упати зборови на охрабрување и надеж. Во дијалог со претставници на младите, преку прашања и одговори, тој ги повика да бидат мисионери на Евангелието и да придонесат за промена на историјата кон подобар свет.

Последниот настан од првиот ден на папата Лав XIV во Шпанија се одржа на плоштадот „Плаза де Лима“ во Мадрид, каде што Светиот Отец предводеше молитвено бдение за млади.

Над шестотини илјади луѓе се собраа долж главната авенија што води кон плоштадот и по околните улици за да учествуваат во оваа средба. Настанот вклучуваше прашања од претставници на младите за верата, сведоштвото и животот во современото време, на кои Папата одговараше поединечно.

Молитвеното бдение со евхаристиско обожавање беше последниот настан од исполнетата саботна програма на Папата, во рамките на неговата еднонеделна посета на Шпанија.

Вера продлабочена преку средба со луѓето

По воведните зборови на митрополитскиот надбискуп на Мадрид, кардиналот Хозе Кобо Кано, кој зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат младите денес, Папата ги слушна прашањата што му ги поставија младите.

Одговарајќи на прашањето за луѓето што ја вдахновиле неговата вера, Папата ги спомена свети Иван Златоуст, почитуван поради спојот на вистината и личниот интегритет; свети Тома од Вилануева, чија милосрдност го зајакнала во тешки времиња; и свети Турибиј од Могровехо, познат по одбраната на правдата и служењето на народот.

Повикувајќи се на годините поминати како мисионер во Перу, Папата потсети дека средбите со заедници кои се соочувале со тешкотии ја продлабочиле неговата вера и го преобразиле преку Евангелието.

Да се слушне Божјиот глас во тишина

Одговарајќи на прашањата на младите учесници, папата Лав ги охрабри да го бараат Божјиот глас преку молитва и тишина, да останат посветени на вистината и да препознаат дека и богопосветениот живот и бракот се вистински позиви.

Тој нагласи дека автентичното христијанско сведоштво започнува со лична доследност и понизност, потсетувајќи ги воспитувачите и водачите дека секој останува ученик пред да стане учител.

Папата ја истакна важноста на тишината, особено во современиот свет обележан со постојана бучава, конзумеризам и личен интерес. Тој ја опиша тишината како простор во кој човекот може да го препознае Божјиот глас, да ја разликува вистината од илузијата и да открие трајна смисла.

Да се живее верата во современиот свет

Папата зборуваше и за верниот живот во современото општество. Цитирајќи го древното Писмо до Диогнет, тој рече дека христијаните треба целосно да бидат вклучени во современиот свет, но без да станат заробеници на минливи моди или идеологии.

Верата, нагласи тој, дава вистинска слобода и надеж што ја надминуваат потрагата по материјален успех, задоволство или моќ. Идеологиите и трендовите поминуваат, додаде Папата, но вистината останува.

„Искри на ново човештво“

На крајот, папата Лав ги повика младите да станат носители на позитивни промени во општеството, вклучително и во дигиталниот свет.

Тој ги охрабри да ги пренесуваат вредностите и убавината на Евангелието, да се спротивставуваат на рамнодушноста, насилството и лагата, и да станат „искри на ново човештво“.

Папата ги повика да бидат луѓе од доверба, да бараат правда и кон другите да се однесуваат онака како што самите сакаат другите да се однесуваат кон нив.

Во својот завршен апел, Светиот Отец ги повика младите да бидат автентични личности, следејќи го примерот на Христос. Тој ја опиша верата не само како верување, туку како начин на живот изразен преку милосрдие, добродетел која, според него, најсилно може да ја промени историјата и да ги оспособи младите да го променат светот на подобро.

07 јуни 2026, 15:08