2026.06.05 Associazioni studentesche cattoliche tedesche

Папата Лав ги повика германските студенти на „живот насочен кон Бога“

Папата Лав XIV им се заблагодари на германските католички студентски здруженија што дозволуваат нивниот идентитет да биде обликуван од католичката вера, која, како што рече, треба да се живее „без компромис со трендовите на моментот и без ставање на индивидуалистичките преференции пред заедничкото Предание на Црквата“.

„Бидејќи сите вие Го следите Христос, единствениот Господ и Учител на животот, ги претставувате католичките вредности во општеството не како носители на партиски знамиња, туку како претставници на општото добро на човештвото.“

Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати на германските католички студентски здруженија, кои во петок, 5 јуни 2016 година, ги прими во Ватикан.

Здруженијата се собрани на заедничката конференција Cartellversammlung, која првпат се одржува надвор од Германија.

Папата забележа дека нивната одлука да дојдат во Рим била „мотивирана од католичката вера што ве определува, од заедништвото што нè поврзува како ученици на Исус и од културните активности што ги преземате“.

Во своето обраќање, Светиот Отец ги повика германските студенти да останат цврсти во својата католичка вера и во вредностите што произлегуваат од неа.

Католичка вера без компромис

„Во Германија, во Италија и низ целиот свет, истата католичка вера ја зајакнува нашата соработка, без компромис со трендовите на моментот и без ставање на индивидуалистичките преференции пред заедничкото Предание на Црквата“, рече Папата.

Тој ги повика да ја промовираат културата на евангелизација, истакнувајќи дека нивните универзитетски организации постојано привлекуваат нови млади луѓе затоа што сведочат за страст, компетентност и автентично христијанско пријателство.

Папата Лав се осврна и на нивниот католички идентитет, нагласувајќи дека нивната цврста посветеност на верата се одразува во четирите принципи што го водат здружението: религија, наука, пријателство и татковина.

„Соочена со деспотизмот и идеологиите од минатото, католичката вера никогаш не била само маска или етикета“, потсети тој, „туку начин на живот што треба да се споделува во универзитетските и работните средини.“

Светлината на верата просветлува

Соочени со предизвиците на технолошката револуција, Папата ги повика студентите да посветат особено внимание на проучувањето и промовирањето на нашата заедничка човечност.

„Во својот несводлив израз како маж или жена“, рече папата Лав, „човечката личност е секогаш релациона и ограничена, и затоа е повикана да стане задача за самата себе и дар за другиот.“

Тој истакна дека, заедно со практикувањето на разумот, светлината на верата ги осветлува ветувањата и измамите на сегашното време, повикувајќи го секој човек да даде сè од себе за изградба на праведно и мирно општество.

Однос со Бога и пат кон светоста

Светиот Отец призна дека студентите добро разбираат дека не станува збор само за избор на професија, туку и за одговор на повик.

„Соочени со она што ги дехуманизира луѓето, особено малите, сиромашните или болните“, рече папата Лав, „ве молам да бидете сведоци на христијанскиот хуманизам.“

„На крајот“, нагласи Папата, „човечките суштества секогаш Го бараат Бога, а Тој ни се открил како наш Спасител.“

„Затоа, рече тој, „да развиваме однос со Бога, кој станува пат кон светоста.“

Врвот на животот насочен кон Бога

„Да“, подвлече папата Лав, „културната мисија на христијаните е да го насочат општеството и историјата кон овој врв на живот насочен кон Бога.“

На крајот, папата Лав XIV ги довери студентите на застапништвото на свети Бонифациј, евангелизаторот на Германија, за да „бидат сведоци на оваа мудрост на Евангелието во германското и европското општество“.

05 јуни 2026, 17:01