Il Papa rientrato a Roma dal viaggio apostolico in Africa

Папата Лав го завршува своето апостолско патување во Африка со лет од Екваторска Гвинеја до Рим

По единаесетдневната посета на четири земји, папата Лав XIV се збогува со Африка во четврток попладне. Во 12:53 часот по локално време, поглаварот на Католичката црква, заедно со својата придружба и со новинарите што го следеа патувањето, замина со авионот ITA A330-900neo, кој од аеродромот во Малабо, во Екваторска Гвинеја, треба да го пренесе до римскиот аеродром Фјумичино за нешто повеќе од шест часа.

Ова беше најдолгото патување во странство во сè уште младиот понтификат на Лав. Станува збор за исклучително интензивно патување, кое го одведе од августинските места во Алжир, каде што христијанската заедница и натаму сведочи вера обележана со служење, дијалог и мачеништво, до подсахарска Африка, односно Камерун, Ангола и Екваторска Гвинеја, каде што утрово ја служеше завршната света Литургија пред 30.000 верници, што е за една третина повеќе од очекуваното.

Ова папско патување за Лав беше вистинска мисија, а вечерва завршува на римскиот аеродром Фјумичино, каде што се очекува да пристигне околу 20 часот по римско време.

Лав XIV го напушта африканскиот континент, кој толку многу го почитува и што сакал токму него да го посети на своето прво патување како Папа. Сепак, претходно морал да ги реализира патувањата што биле планирани од неговиот претходник, Фрањо, па така Лав XIV најнапред ги посетил Турција и Либан.

24 април 2026, 07:25