2026.04.22 Viaggio Apostolico in Guinea Equatoriale - Incontro con i giovani e le famiglie

Папата ги охрабри младите да сведочат за Христос со храброст и радост

Обраќајќи им се на младите и на семејствата собрани на стадионот во Бата, папата Лав XIV, одговарајќи на сведоштвата што беа претставени едно по едно, зборуваше за вредноста на работата и дисциплината во животот, за достоинствената работа, за предизвиците со кои се соочуваат жените на работното место, за радоста што се наоѓа во целосното предавање на Бога и за возвишената мисија да се биде сопружник и родител.

Музика, песни, бои, насмевки и радост го исполнија стадионот во Бата, кој собира повеќе од 30.000 луѓе и беше исполнет со млади, семејства, семинаристи, свештеници и верници од Бата, кои му приредија срдечно добредојде на Папата.

Заблагодарувајќи им за таквата наклонетост, папата Лав XIV потсети на мотото на посетата на Екваторска Гвинеја, „Христос, Светлина на Екваторска Гвинеја, кон иднина на надеж“, и ги увери дека „најсветлата светлина овде е онаа што блеска во вашите очи, на вашите лица, во вашите насмевки и во вашите песни“, сето тоа сведочејќи дека „Христос е радоста, смислата, вдахновението и убавината на нашите животи“.

По поздравниот говор на Апостолскиот администратор на Бата, епископот Мигел Анхел Нгуема Бе, следуваа неколку сведоштва, кои послужија како водечка нишка за размислувањето на Папата. Најнапред се осврна на сведоштвото на Алисија, која зборуваше за значењето на верноста кон сопствените должности и за придонесот што секојдневната работа го има за доброто на семејството и на општеството.

Папата го истакна нејзиниот сон за земја во која младите, и мажи и жени, нема да бараат лесен успех, туку ќе ја избираат културата на трудот, дисциплината и напорот. Додаде дека да се биде христијанин значи не само учество во евхаристиското славење, туку и достоинствено да се работи и секој човек да се третира со почит. Воедно го спомена и предизвикот со кој се соочуваат жените на работното место.

Потоа следуваше осврт на сведоштвото на семинаристот Франциско Мартин, кој зборуваше за својот повик, за радоста од отворањето на животот кон Бога, но и за внатрешните борби што му претходеле на неговото „да“, прифатено со радост и длабок мир.

Папата рече дека животот даруван на Бога е живот исполнет со радост, но дека тој избор треба секојдневно да се обновува преку молитвата, Светите Тајни и времето минато со браќата и сестрите што Господ ги поставува на нашиот пат. Во заедништвото на срцата и во делата на добрина кон оние на кои им е потребна помош, рече тој, постојано се обновуваат чудата на милосрдието. Затоа, ако некој чувствува дека Христос го повикува по патот на посебното посветување, како свештеник, монахиња, монах или катехист, не треба да се плаши да тргне по Неговите стапки.

Осврнувајќи се на присутните семејства, папата Лав XIV го истакна сведоштвото на Пурификасион и Хаиме Антонио како потсетник дека, со доверба во Бога, семејствата можат да растат во единство, примајќи го животот како дар што треба да се чува и воспитува за средба со Господ.

Тој нагласи дека да се биде сопружник и родител е возвишена и радосна мисија, завет што се живее секој ден. Во рамките на тој завет, сопружниците постојано се откриваат еден со друг, соработувајќи со Бога во чудото на животот и во градењето среќа за себе и за своите деца. Ги повика овој повик да го прифатат како пат на вистинска љубов што расте во слобода, како пат на надеж што се раѓа од сознанието дека Бог никогаш не ги напушта, и како пат на светост, во кој секогаш се бара доброто и среќата на другиот.

На крајот, Папата се заблагодари за искреноста и храброста на едно тринаесетгодишно момче, син на самохрана мајка, напуштена од неговиот татко. Неговите зборови, рече тој, треба да ги поттикнат сите да градат подобар свет, заснован врз почитувањето на животот што се раѓа и расте.

Папата потсети дека примањето на животот бара љубов, посветеност и грижа. Затоа, овие зборови, изговорени од едно младо лице, треба сериозно да нè повикаат да размислиме за важноста на семејството и за вредностите што во него се всадуваат.

Во завршницата, папата Лав XIV ја нагласи важноста секој човек да се чувствува почитуван и никој да не биде отфрлен или заборавен. Повика и општествените установи да дадат свој придонес во преобразувањето на светот и заеднички да се донесе цврста и радосна одлука Христос, Светлината на Екваторска Гвинеја, на Африка и на целиот свет, да ги води сите кон иднина исполнета со надеж.

„Драги млади, родители и сите присутни“, рече Папата, „да бидеме вдахновени од убавината на љубовта. Да станеме сведоци на љубовта што ни ја дарува Исус и на која Тој нè научи. Да покажуваме секој ден дека е убаво да се љуби, дека најголемите радости, во секоја околност, произлегуваат од знаењето како да се даруваме себеси, особено кога им помагаме на оние на кои им е најпотребно. Светлината на милосрдието, негувана во нашите домови и живеана во верата, навистина може да го преобрази светот.“

23 април 2026, 07:41