Il Papa celebra la messa nella 'San Pietro' della Guinea Equatoriale

Папата на света Литургија во Монгомо: Човештвото копнее по правда и мир

На вториот ден од своето апостолско патување во Екваторска Гвинеја, среда 22 април 2026 година, папата Лав XIV служеше света Литургија во Монгомо и ги повика христијаните да го навестуваат Евангелието и да градат иднина на надеж и помирување за својата земја, богата со природни ресурси.

Папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија во базиликата „Безгрешно зачнување“ во источниот град Монгомо, на вториот и претпоследен ден од својот престој во Екваторска Гвинеја.

Градот, кој има околу 7.000 жители, се наоѓа на само еден километар од границата со Габон. Тој е родно место на претседателот Теодоро Обијанг Нгуема Мбасого, а во 2015 година беше домаќин и на неколку натпревари од Африканскиот куп на нации.

Во својата проповед, папата Лав XIV се присети на мисионерите кои пред 170 години почнале да го навестуваат Евангелието во Екваторска Гвинеја, потсетувајќи и на зборовите на свети Павле VI од 1969 година: „Африканци, отсега вие сте мисионери сами на себе.“

Тој им заблагодари на многуте мисионери, свештеници, монаси, монахињи и лаици кои станале знаци на Божјата љубов.

„Преку примерот на својот живот“, рече Папата, „тие го дадоа својот придонес во градењето на Божјото Царство, без страв од страдање поради верноста кон Христос.“

Папата ги охрабри верниците во Екваторска Гвинеја и самите лично да се обврзат на следење на Христос и на дела на љубов кон своите ближни.

„Таквата посветеност бара истрајност, бара труд, а понекогаш и жртва“, рече тој. „Сепак, токму тоа покажува дека навистина сме Христова Црква.“

И кога се соочуваат со прогонство или со тешки семејни околности, христијаните, рече Папата, се повикани да веруваат дека Господ го прави семето на Неговото Царство да расте и затоа да ја покажуваат Божјата љубов кон оние околу себе.

Божјата љубов, додаде тој, ги зајакнува оние што го навестуваат Неговото име и што сведочат за Него со радост.

Папата Лав XIV потоа се осврна на гладот што луѓето во Екваторска Гвинеја, како и сите народи, го чувствуваат во секојдневниот живот: гладот за надеж.

„Постои глад за иднина исполнета со надеж, способна да создаде ново чувство за правда и да донесе плодови на мир и братство“, рече тој. „Тоа не е некоја непозната иднина што треба пасивно да ја чекаме, туку иднина што сме повикани самите да ја градиме со Божјата благодат.“

Тој ги повика жителите на Екваторска Гвинеја да придонесуваат за иднината на својата земја преку сопствените избори и преку заложбата за „заштита на животот и достоинството на секоја личност“.

Папата потсети дека Екваторска Гвинеја е благословена со богати природни ресурси, меѓу кои се големи наоѓалишта на нафта и природен гас, како и значајни, но сè уште недоволно искористени резерви на минерали како злато, дијаманти и ураниум.

Ова природно богатство, рече тој, треба да стане благослов за сите жители на земјата, преку нивниот целосен развој, обнова и преобразба.

„Нека Господ ви помогне да изградите општество во кое секој, според својата одговорност, сè поцелосно ќе работи во служба на општото добро, а не на приватните интереси, надминувајќи го јазот меѓу привилегираните и обесправените“, рече Папата.

На крајот, папата Лав XIV ги повика христијаните во Екваторска Гвинеја да ја земат судбината на својата земја во свои раце, да го навестуваат Евангелието и да помогнат во изградбата на иднина исполнета со надеж за својата татковина.

23 април 2026, 07:36