Папата Лав XIV го посети Технолошкиот факултет „Папа Фрањо“ во Екваторска Гвинеја
Папата Лав XIV во средата го посети Технолошкиот факултет „Папа Фрањо“ во источниот град Монгомо, на последниот целосен ден од својот престој во Екваторска Гвинеја.
Посетата на установата, која го носи името на неговиот претходник, се случи еден ден по првата годишнина од смртта на папата Фрањо.
Претходниот ден, папата Лав XIV потсети на папата Фрањо во пораката што ја испрати по повод светата Литургија, која се служеше во негова чест во базиликата „Света Мариа Велика“ во Рим. Во неа покојниот Папа го нарече „посветен пастир кој допре до толку многу срца“ и истакна дека „останa ученик Господов, верен на своето крштевање и на своето епископско посветување, до крајот“.
Светиот Отец нагласи и дека папата Фрањо служел како Петров наследник и пастир на универзалната Црква „во време што означи, и сè уште означува, промена на епохата, промена за која тој беше целосно свесен, оставајќи ни на сите храбро сведоштво што претставува драгоцено наследство за Црквата“.
Тој, исто така, ги повика новинарите што патуваа со него да му се придружат во благодарноста кон Господ за големиот дар на животот на Фрањо за целата Црква и за светот.
Технолошкиот факултет „Папа Фрањо“ е образовна установа што се занимава со промовирање на технолошка и стручна обука, особено меѓу младите.
Пред оваа посета, папата Лав XIV служеше света Литургија во базиликата „Безгрешно зачнување“ во истиот град.
Подоцна во текот на денот, тој треба да се сретне и со затвореници и со млади. Во четврток, по служењето на последната света Литургија во Екваторска Гвинеја, Светиот Отец ќе го заврши своето единаесетдневно апостолско патување во четири африкански земји и ќе се врати во Рим.
