Папата во болница во Екваторска Гвинеја: Малите дела на добрина се скриените секојдневни песни на животот
Папата Лав XIV беше пречекан со топло добредојде, исполнето со песна и танц, во психијатриската болница „Жан Пјер Оли“ во Малабо, Екваторска Гвинеја.
Заблагодарувајќи за таквиот пречек, Светиот Отец рече дека секоја посета на болница во него буди измешани чувства. Од една страна, чувствува тага поради страдањето на пациентите и нивните семејства. Потсети дека луѓето честопати носат тежок товар, понекогаш со рани што се видливи, а понекогаш со рани што никој не се гледаат, но кои самите добро ги чувствуваат во своето срце и во својот живот.
Од друга страна, рече Папата, болницата е и место што вдахновува восхит и утеха, поради сето она што се прави во служба на човечкиот живот.
Така е и во болницата во Малабо. Но, како што забележа папата Лав XIV, овде особено се чувствува дека преовладува радоста. Таа радост произлегува од заедништвото во името Господово и од грижата за оние чие здравје е нарушено.
Папата посочи дека бил трогнат од сведоштвата изнесени за време на посетата, меѓу кои и зборовите на директорот на болницата, професор Бечир Бен Хаџ Али. Директорот истакнал дека „вистински големо општество не е она што ги крие своите слабости, туку она што ги опкружува со љубов“. Папата потврди дека ова е вистинско начело на една цивилизација втемелена врз христијанството.
Тој потсети дека Исус дошол во светот за да ги искупи и да им го врати целосното достоинство на оние што страдаат под тежината на стигмата и отфрленоста. За тоа дело, рече тој, Господ ја бара и нашата соработка, и на лично и на општествено ниво.
Затоа, нагласи Папата, Исус ги повикува сите да ги љубат своите браќа и сестри и со зборови и со дела. Установа како психијатриската болница „Жан Пјер Оли“, рече тој, може да биде јасен знак на таа цивилизација на љубовта, со Божја помош и со посветеноста на сите што служат во неа.
Осврнувајќи се на зборовите на еден од пациентите, Педро Челестино, кој му се заблагодари за тоа што „нè љубите такви какви што сме“, папата Лав XIV потсети дека токму така Бог го љуби секој човек. Но Бог не сака човекот засекогаш да остане во состојба на болка и нарушеност, туку сака да го исцели. Евангелието тоа јасно го покажува на многу места.
Поради тоа, рече Светиот Отец, болницата, а особено онаа што носи христијанско послание, треба да биде место каде што човекот е прифатен таков каков што е, почитуван во својата слабост и придружуван кон оздравување во целосна смисла. Таквиот поглед, додаде тој, бара и духовна прониливост, зашто само така грижата за болниот човек станува вистински целосна.
Пред крајот на своето обраќање, Папата се заблагодари и за песната што ја напишал Тарцизио. Притоа нагласи дека секој ден се создаваат многу „скриени“ песни, со мали гестови, со внимателност и со добрина во односите меѓу луѓето. Тоа е песна што само Бог може целосно да ја прочита и која го теши милосрдното Срце Христово.
Папата Лав XIV ја заврши посетата изразувајќи близина со сите пациенти во болницата, а особено со најтешко болните и најосамените, и им го подели својот апостолски благослов на сите што живеат и работат во оваа установа.
