2025.12.02 Viaggio Apostolico in Libano - Conferenza stampa volo Beirut-Roma

Папата: Црквата во Ангола расте и може да помогне во промовирањето на универзалните права

На летот од Ангола кон Екваторска Гвинеја, папата Лав XIV одговараше на прашања од тројца анголски новинари, уверувајќи дека со претседателот разговарал за заеднички напори меѓу Црквата и анголската држава во областа на здравството и образованието.

Како и на претходните летови за време на неговата посета на Африка, папата Лав XIV ги поздрави новинарите и одговараше на прашања од локалните дописници за време на патувањето од Луанда, Ангола, до Малабо, Екваторска Гвинеја. Овојпат тој одговори на прашања од тројца новинари од Ангола.

Пред почетокот на разговорот, Папата накратко им честиташе роденден на двајца новинари кои славеа за време на летот, повикувајќи ги присутните да им аплаудираат.

На прашањето од дописник на „Телевизао Публика де Ангола“ за тоа како Црквата може да ѝ помогне на државата, особено во областите на образованието и здравствената заштита, папата Лав XIV одговори дека тие веќе соработуваат за доброто на луѓето, иако од различни гледишта.

Тој објасни дека за овие прашања разговарал и со претседателот, со цел да се разбере „како можеме да соработуваме и каде можеме да ги подобриме услугите што државата, во случајот со Ангола, им ги нуди на луѓето, особено во изградбата на нови болници и нови установи, како и во големата посветеност на доброто на луѓето“.

Светиот Отец додаде дека верува оти „Црквата има одговорност, преку своето сведоштво, преку Словото, а исто така и преку храбро навестување на Божјото Слово, да ги препознае правата на сите и да помогне во промовирањето на универзалните права“.

На прашањето од дописник на анголската новинска агенција за можен иден Конзисториум и можноста Ангола да добие кардинал, папата Лав XIV се насмевна.

„Тоа е прашање што многумина сакаат да го постават“, рече тој, додавајќи дека сè уште не е одлучено кога ќе бидат именувани нови кардинали. „Треба ова прашање да го разгледаме на глобално ниво. Се надеваме дека за Африка, а можеби и за Ангола, во не толку далечна иднина, ќе можеме да размислиме за именување нови кардинали, вклучително и еден за Ангола.“

Пред да се збогува со новинарите и да им посака безбеден лет и добро патување, Папата одговори и на последното прашање, поставено од дописник на Радио Еклезија, анголската католичка радио и телевизиска мрежа.

Папата Лав XIV ја изрази својата радост што гледа „места во светот каде што Црквата расте“.

„Постојат и други места во светот каде што се случува спротивното, па затоа тука постои повик за евангелизација, да се продолжи со проповедањето на Евангелието и да се настојува другите да се повикуваат, не преку прозелитизам, како што папата Фрањо многупати истакнуваше“, рече тој.

Папата нагласи дека луѓето се привлекуваат кон верата преку „убавината и привлечноста на верата, како и преку радоста на верниците, што претставува едно од најсилните сведоштва за верата и за Евангелието“.

Осврнувајќи се на состојбата во Ангола, Светиот Отец истакна дека Црквата таму расте, а тоа, според него, е и плод на работата на епископите во соработка со апостолскиот нунциј.

„Конкретно можеме да видиме каде е важно да се создадат нови епархии за доброто на народот, за да има повеќе епископи кои како пастири ќе можат да бидат поблиску до луѓето“, рече папата Лав XIV.

22 април 2026, 07:49