Папата Лав потсети на Фрањо: Тој даде толку многу и беше дар за Црквата и за светот
„На оваа прва годишнина од неговото упокојување, би сакал да се потсетам на папата Фрањо, кој остави зад себе и даде толку многу на Црквата, преку својот живот, своето сведоштво, своите зборови и своите дела. Тој навистина живееше во близина на најсиромашните, најмалку згрижените, болните, децата и старите лица.“
Со овие зборови папата Лав XIV се осврна на својот претходник за време на летот кон Малабо, на ден кога, покрај преминот од Ангола во Екваторска Гвинеја, се одбележуваше и првата годишнина од упокојувањето на папата Фрањо, кој почина во на 21 април 2025 година. Годишнината се одбележува со посебна побожност на многу места низ светот, а и самиот Папа, во разговор со околу 70 новинари што патуваа со него, не пропушти да упати лична мисла за својот претходник.
Промовирање на братството
Тоа беше спомен исполнет со наклонетост и благодарност за еден Папа кој, според зборовите на Лав XIV, „остави толку многу зад себе во Црквата преку своето сведоштво и своите зборови“. Од многуте работи по кои ќе се памети Хорхе Марио Бергољо, папата Лав посебно го истакна неговото постојано поттикнување кон „универзално братство“.
Фрањо, рече тој, навистина настојуваше да „промовира искрено почитување кон секој маж и секоја жена, негувајќи дух на братство, сознание дека сите сме браќа и сестри и барајќи начин да ја живееме пораката што ја наоѓаме во Евангелието“.
Пораката на милосрдието
Другата порака на папата Фрањо на која се сети Лав XIV беше пораката за „милосрдие“, изразена уште од првиот Ангел Господов по неговиот избор на 13 март 2013 година.
„Тоа беше уште првиот Ангел Господов, но и на светата Литургија што ја служеше уште пред свечениот почеток на неговиот понтификат, на 17 март 2013 година“, потсети папата Лав XIV. Тогаш, во парохијата Света Ана во Ватикан, Фрањо проповеда за жената затечена во прељуба и, како што рече, „зборуваше од срцето на Божјото милосрдие, од срцето на таа голема љубов, за простувањето и великодушниот израз на Господовото милосрдие“.
Папата Фрањо сакаше тој дух да го сподели со целата Црква, повтори Лав XIV, потсетувајќи и на „прекрасната прослава на вонредниот Јубилеј на милосрдието“.
Дар за сите
„Да се молиме тој веќе да ужива во Господовото милосрдие“, заклучи папата Лав XIV, „и да Му благодариме на Господ за големиот дар на животот на Фрањо за целата Црква и за целиот свет.“
