Папата на светата литургија во Сауримо: „Воскреснатиот го осветлува нашиот пат и нè просветлува“
„Тој, Воскреснатиот, ни го осветлува патот кон Отецот и со силата на Духот нè просветлува, за да можеме да го преобразиме нашиот начин на живот според Неговата љубов.“
Со овие зборови папата Лав XIV упати утешна порака за време на светата Литургија што ја служеше во Сауримо, Ангола, во понеделник 20 април 2026 година, продолжувајќи ја третата етапа од своето апостолско патување низ четири африкански држави.
Во својата проповед тој потсети дека Црквата насекаде во светот живее како народ што оди како ученик на Христос, нашиот брат и Откупител, а Радосната вест, односно Неговата евангелска порака, го одржува тоа одење. „Тоа е патување“, рече папата Лав, „што денес ме доведе и мене тука, кај вас.“
„Во радоста и убавината на нашето собирање, соединети во името на Исус“, повика тој, „да го слушаме со отворени срца Словото на спасението, зашто тоа ни помага да размислиме за причината и за целта поради која Го следиме Господа.“
Христос треба да се бара од вистински причини
Папата потсети дека кога Синот Божји стана човек, изврши големи чуда за да ја покаже волјата на Отецот. Тој направи светлина да засвети во темнината, давајќи им вид на слепите, им даде глас на угнетените, разврзувајќи ги јазиците на немите, и ја угаси нашата жед за правда, умножувајќи леб за сиромашните и слабите, рече Папата, забележувајќи дека секој што слушнал за тие дела тргнал во потрага по Исус.
Во исто време, додаде Светиот Отец, Господ гледа во нашето срце и нè прашува дали Го бараме од благодарност или од личен интерес, со пресметка или со љубов.
Папата се наврати на Христовите зборови: „Ме барате, не затоа што видовте чуда, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте“ (сп. Иван 6,26), нагласувајќи дека толпата во тој миг Го гледа Господа како средство за постигнување цел, како некој што треба да им обезбеди услуги.
Ова, предупреди тој, се случува тогаш кога вистинската вера се заменува со суеверие, а Бог се претвора во идол кого човек го бара само кога му е од корист. Светиот Отец потсети дека имало, а понекогаш и денес има, погрешни мотиви за барање на Христос, особено кога Тој се доживува како некаков гуру или амајлија за среќа.
Сепак, Исус не го оттурнува ниту таквото несовршено барање, рече папата Лав, туку го повикува на преобраќање. „Тој не ја отфрла толпата, туку сите ги повикува да испитаат што се раѓа во нивните срца“, рече тој. Христос нè повикува на слобода. Тој бара браќа и сестри на кои целосно може да им се дарува.
Не за храна што пропаѓа, туку за храна што останува
Папата нагласи дека не е доволно само да се слуша Исус, туку треба да се прифати значењето на Неговите зборови. Исто така, не е доволно само да се гледа што прави, туку треба и да се следи и да се подржува.
Само кога во знакот на прекршениот леб ја гледаме волјата на Спасителот, Кој се дарува за нас, се приближуваме до вистинска средба со Него. Тогаш, рече Светиот Отец, Христовата опомена станува јасна покана: „Не работете за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот.“
Исус нè учи на вистинскиот начин да го бараме лебот на животот, храната што нè одржува засекогаш. Затоа Папата со восхит истакна дека Христос не ни дава храна што минува, туку леб што трае, зашто е храна за вечен живот.
Папата забележа дека овој Христов дар фрла светлина и врз нашата сегашна состојба. „Денес можеме да видиме како надежта на мнозина е уништена од насилство, злоупотребена од моќниците и измамена од богатите“, рече тој. Кога срцата се расипани од неправда, тогаш лебот за сите станува сопственост на малкумина.
„Пред таквите зла“, увери Папата, „Христос го слуша крикот на народот и ја обновува нашата историја, подигајќи нè од секој пад, утешувајќи нè во секое страдање и охрабрувајќи нè во нашето послание.“
Верата што спасува живот
„Поради ова“, рече Светиот Отец, „Воскреснатиот ги отвора нашите животи со силата на Својот Дух и го отстранува крајот на нашата историја, односно смртта. Христос живее. Тој е нашиот Откупител. Тоа е Евангелието што го навестуваме, правејќи ги сите луѓе на земјата наши браќа и сестри. Тоа е проповедта што го преобразува гревот во простување. Тоа е верата што спасува живот.“
Папата потсети дека велигденското сведоштво се однесува на Христос, Распнатиот Кој воскресна, а истовремено се однесува и на нас, бидејќи во Него и нашето воскресение го наоѓа својот глас.
„Ние не дојдовме на светот за да умреме“, рече Папата. „Не сме родени за да станеме робови ни на распадливоста на телото, ни на распадливоста на душата.“ Во таа смисла, тој го осуди секој облик на угнетување, насилство, експлоатација и нечесност, зашто сето тоа го негира дарот на Христовото Воскресение, кој е врвниот дар на нашата слобода.
Папата Лав нагласи дека ова ослободување од смртта не се случува само на крајот од нашиот живот, туку секој ден од нашето постоење.
Потоа го постави прашањето: „Што треба да направиме за да го примиме таквиот дар?“ И самиот одговори со зборовите од Евангелието: „Ова е делото Божјо, да верувате во Оној Кого Го испрати Тој“ (сп. Иван 6,29). „Да, да веруваме“, рече Светиот Отец.
Патот што Бог го отвора никогаш не пропаѓа
Со тоа чувство, Папата ги потсети верниците на зборовите од Псалмот: „Блажени се оние што одат според законот Господов.“
Тој нагласи дека Господ ги води нашите патишта и дека сме повикани да продолжиме да одиме според Неговите мудри насоки.
„Со Евангелието во срцето“, охрабри тој, „ќе имате храброст пред тешкотиите и разочарувањата. Патот што Бог ни го отворил никогаш не пропаѓа.“
Господ, истакна тој, секогаш оди со нас, за да можеме и ние да продолжиме по Неговиот пат. „Самиот Христос“, рече Папата, „го води и го зајакнува нашето одење.“
Папата Лав XIV ја заврши својата проповед потсетувајќи ги верниците дека преку нив „делувањата на божествената благодат даваат добри плодови“, и се помоли сведоштвото на мачениците и светците да ги охрабри да одат по патот на надежта, помирувањето и мирот.
