Пребарување

Pope Leo XIV visits Angola

Папата во Мама Муксима: Љубовта треба да победи, а не војната

За време на својата посета на Ангола, папата Лав XIV се помоли со ходочесниците во историското светилиште Мама Муксима, повикувајќи ги младите да црпат сила од маријанската побожност и да ја претворат во заложба за правда, солидарност и мир во општеството.

Папата Лав XIV во недела, 19 април 2026 година, го посети маријанското светилиште Мама Муксима во Ангола, едно од најзначајните ходочеснички места во земјата, каде што им се придружи на верниците во молитвата Бројаница.

Сместено на околу 130 километри од главниот град Луанда, светилиштето Мама Муксима, што на кимбунду значи „Мајка на срцето“, со векови претставува место на молитва за народот на Ангола. Изградено во 16 век, тоа станало средиште на побожност во тешките периоди од историјата на нацијата, вклучително и за време на колонијалното владеење и долгата граѓанска војна. И денес продолжува да привлекува илјадници поклоници секоја година.

Благодарност за молитвата

Обраќајќи им се на младите, на членовите на Легијата на Марија и на другите верници собрани во светилиштето, Папата изрази благодарност за можноста да сподели, како што рече, „момент на богородична молитва“ со локалната Црква.

Тој се осврна на Бројаницата како на едноставна и достапна форма на молитва, длабоко вкоренета во традицијата на Црквата. Повикувајќи се на свети Иван Павле II, ја опиша како молитва што ја задржува „свежината“ на раното христијанство и продолжува да ги вдахновува верниците да Го навестуваат Христос во светот.

Потоа папата Лав го истакна силното чувство на вера кај народот, опишувајќи го како „живо и младо“. Воедно го нагласи и историското значење на светилиштето како место каде што генерации доаѓале да се молат и во радост и во тешкотија.

„Мама Муксима ги пречекува сите, ги слуша сите и се моли за сите“, рече тој.

Велигденска посета

Бидејќи посетата на Папата на светилиштето се случува во велигденскиот период, тој нагласи дека Воскресението ги насочува верниците кон нивната крајна цел, а истовремено ги повикува верно да ја живеат својата мисија во сегашноста.

Тој ги охрабри верниците да гледаат на Марија како на пример, особено во нејзината способност да размислува и да ги чува во срцето настаните од животот на нејзиниот Син. Така, рече тој, христијаните се повикани да растат во љубов што е универзална и внимателна кон другите.

Папата нагласи и дека молитвата треба да раѓа конкретни дела, особено во грижата за оние на кои им е потребна помош. Тој укажа на клучни области како што се пристапот до храна, здравствена заштита, образование и достоинствени услови за живот на старите лица, опишувајќи ги како суштински изрази на христијанското милосрдие.

„Мајката ги љуби сите свои деца“, рече тој, додавајќи дека токму овој пример треба да ги води верниците во нивната посветеност кон другите, особено кон најранливите.

Знак на надеж

Папата се осврна и на изградбата на ново, поголемо светилиште, наменето да го прими сè поголемиот број поклоници. Тој го опиша овој проект како знак на надеж и како повик, особено до младите, да помогнат во градењето на поправедно и помирно општество.

Обраќајќи им се директно на младите, тој ги повика да работат за свет ослободен од војна, неправда, сиромаштија и корупција, каде што евангелските вредности ќе ги обликуваат и личните животи и пошироките општествени односи. „Љубовта треба да победи, а не војната“, рече тој.

На крајот од своето обраќање, папата Лав XIV ги повика верниците да ѝ се доверат на Марија и да го носат Божјиот благослов во секојдневниот живот, охрабрувајќи ги да си заминат од светилиштето како „гласници на животот“, носејќи им надеж и солидарност на другите.

21 април 2026, 07:59