Папата Лав апелира за дијалог за да се стави крај на војните во Украина и на Блискиот Исток
Папата Лав XIV во неделата го повтори својот апел за дијалог во Украина, која е погодена од засилени руски напади, како и на Блискиот Исток, каде што, според неговите зборови, примирјето во Либан претставува „знак на надеж“.
Светиот Отец зборуваше за време на молитвата „Regina Coeli “ по светата Литургија во округот Киламба во Луанда, на вториот ден од неговата посета на Ангола.
Апел за дипломатско решение во Украина
„Многу жалам поради неодамнешното засилување на нападите врз Украина, кои и понатаму го погодуваат цивилното население“, рече Папата, изразувајќи близина и молитвена поддршка за сите што страдаат.
„Го обновувам мојот повик оружјето да замолчи“, додаде тој, „и да се продолжи по патот на дијалогот.“
Во текот на изминатата недела, Русија ги изврши најсмртоносните напади во последните месеци врз Украина, со повеќе од 700 беспилотни летала во неколку бранови, при што загинаа најмалку 18 лица во Одеса, Днепар и Киев. Засилувањето на нападите следуваше по краткото примирје за време на Велигден минатиот викенд, иако двете страни меѓусебно се обвинија за стотици прекршувања.
Примирјето во Либан како знак на надеж
Папата Лав продолжи со зборовите дека „најавеното примирје во Либан е знак на надеж, кој му носи олеснување на либанскиот народ и на поширокиот регион на Левантот“.
„Ги охрабрувам сите што се вклучени во барањето дипломатско решение да продолжат по патот на мирот, за крајот на непријателствата низ целиот Блиски Исток да стане траен“, порача тој.
Десетдневното примирје меѓу Израел и Либан стапи на сила во четвртокот, откако претходно беше објавено од американскиот претседател. Во израелските напади врз Хезболах во Либан загинаа речиси 2.000 луѓе, илјадници беа повредени, а десетици илјади останаа раселени.
Обединети во молитва
Папата Лав, кој се наоѓа во Ангола на третата етапа од своето апостолско патување низ четири африкански земји, ја заврши светата Литургија на шеталиштето во Киламба, во Луанда, повикувајќи ги верниците да му се придружат во молитва.
„Со оваа радосна химна не сакаме да го замолчиме или да го угасиме плачот на оние што страдаат“, рече тој, „туку сакаме да го примиме и да го соединиме со нашите гласови во нова хармонија, за и во болката да остане жива светлината на верата, а со неа и надежта за подобар свет.“
Истакнувајќи дека Христос ја победил смртта, Папата рече дека, „соединети со Него и во Него како едно тело“, сме повикани „денес и секој ден да ги негуваме околу себе плодовите на Велигден: љубовта, вистинската правда и мирот, и покрај секоја пречка и секоја тешкотија“.
„Нека Мајката Исусова, Мајката на срцето, ни помогне секогаш живо и силно да го чувствуваме во себе присуството на нејзиниот воскреснат Син, Кој е близу до нас.“
