Папата до властите во Ангола: Не ги потиснувајте визиите на младите и соништата на постарите
На првиот јавен настан од својата посета на Ангола, папата Лав XIV во саботата попладне, 18 април 2026 година, се сретна со државните власти, претставниците на граѓанското општество и со членовите на дипломатскиот кор во Претседателската палата во Луанда.
Обраќајќи му се на претседателот Жоао Лоренсо и на присутните, Папата најнапред изрази благодарност за поканата и истакна: „Доаѓам меѓу вас за да се сретнам со вашиот народ, како ходочесник што ги бара знаците на Божјиот пат во оваа земја што ја љуби.“
Тој се осврна и на неодамнешните поплави во покраината Бенгуела, уверувајќи во својата молитва за жртвите и изразувајќи близина со семејствата што ги загубиле своите домови. Папата го пофали и одговорот на народот, истакнувајќи дека Анголците се обединиле во голем синџир на солидарност за помош на погодените.
Во своето обраќање, папата Лав XIV нагласи дека најголемото богатство на Ангола не се материјалните ресурси, туку нејзините луѓе. Според неговите зборови, народот на Ангола поседува богатства што не можат ниту да се купат ниту да се украдат. Меѓу тие богатства тој ја истакна отпорноста, втемелена во животното искуство, како и радоста што ни најтешките околности не успеале да ја изгаснат.
Во исто време, Светиот Отец предупреди на долгогодишните облици на економска експлоатација. Тој рече дека многу често африканските земји биле гледани според тоа што можат да дадат или што може да им се одземе, повикувајќи на прекин на таквиот синџир на интереси што ја сведува стварноста и самиот живот на роба.
Осврнувајќи се на Африка во поширока смисла, Папата ја опиша како „резерва на радост и надеж“ за светот, а особено ги истакна младите генерации. Според него, младите и сиромашните во Африка сè уште знаат да сонуваат, да се надеваат и да копнеат по нешто повеќе од она што веќе постои. Токму во тоа, рече тој, се наоѓа голема сила за преобразување на општеството.
Папата се осврна и на последиците од екстрактивните економски модели, кои, како што рече, донеле страдање, смрт и социјални и еколошки катастрофи. Тој предупреди дека ваквите модели и понатаму поттикнуваат развој што дискриминира и исклучува, а сепак се претставува како единствено можен.
Говорејќи за политичките и општествените предизвици со кои се соочуваат многу африкански држави, папата Лав XIV ја нагласи суштинската важност на дијалогот. „Животот цвета само во средбата. На почетокот е дијалогот“, рече тој, потсетувајќи дека несогласувањето може да прерасне во судир, но и да биде прифатено и преобразено во нов процес на градење заедништво.
Во продолжение, Светиот Отец директно им се обрати на оние што носат одговорност во Ангола, повикувајќи ги да не се плашат од несогласувањата и да не ги задушуваат визиите на младите, ниту соништата на постарите. Ги охрабри општото добро да го ставаат пред посебните интереси и никогаш да не го поистоветуваат сопствениот дел со целината.
Папата зборуваше и за политичката димензија на надежта и радоста, нагласувајќи дека тие не се само лични чувства, туку сили што можат да го преобразуваат општеството. Според него, тие се силен одговор на резигнацијата и на искушението човекот да се повлече во рамнодушност.
Тој предупреди и на политичките стратегии што се хранат од поделби и безнадежност, истакнувајќи дека таквите пристапи ја поттикнуваат поларизацијата и ја разоруваат општествената кохезија. Наспроти тоа, папата Лав XIV ја охрабри „вистинската радост“, која ја опиша како извор на обнова. Таа радост, рече тој, е поврзана со христијанската вера, во која плодови на Духот се љубовта, радоста и мирот.
На крајот, Папата изрази доверба во иднината на Ангола и повика на заедничка посветеност на развој што ќе ги опфати сите делови од општеството. Тој ја потврди и улогата на Католичката црква како соработник во тој процес, истакнувајќи дека таа настојува да го поттикнува растот на праведен модел на соживот.
Завршувајќи го своето обраќање, папата Лав XIV потсети на зборовите од псалмот: „Каменот што го отфрлија ѕидарите стана камен-темелник“, а потоа упати завршен благослов со зборовите: „Бог да ја благослови Ангола!“
