2026.03.30 Comunita' Monastica dell'Abbazia di Santa Scolastica di Subiaco, Comunita' Monastica dell'Abbazia di Santa Maria del Monte di Cesena, Monache Benedettine dell'Abbazia di Santa Scolastica di Bari

Папата Лав XIV: Во индивидуалистичкиот свет секој манастир нека биде „школа за служење“

Примајќи на аудиенција три заедници на бенедиктински монахињи, заедно со група монаси, папата Лав XIV истакна дека монашкиот живот не претставува затворање од надворешниот свет, туку образец на љубов, споделување и помош. Тој нагласи дека посредувањето е својство на срце што чука во склад со Божјото милосрдие и е подготвено пред Бога да ги принесе радостите и тагите, надежите и стравовите на луѓето од денешницата и од сите времиња.

Во свет што често е обележан со повлекување во себе и со индивидуализам, монашкиот живот треба да биде пример за целиот Божји народ, потсети Папата. Да се биде мисионер, рече тој, уште пред делувањето, бара одреден начин на постоење и живеење во односите.

Папата Лав XIV на 30 март 2026 година ги прими во аудиенција бенедиктинките од манастирите на света Схоластика во Субјако, света Марија дел Монте во Чезена и света Схоластика во Бари, заедно со група бенедиктински монаси. Притоа ги потсети дека монашкиот живот е повик на љубов, заедништво и служење.

Служење и синодалност

Посебно ги охрабри, повикувајќи се на Правилото на свети Бенедикт, постојано да внимаваат на делата од сопствениот живот и во Светото Писмо да наоѓаат храна за созерцание и за секојдневниот живот, за да можат тоа преобразувачко искуство да го споделуваат и со другите.

Папата нагласи дека патот на посветување на монахот или монахињата, колку и да е исполнет со ревност и вдахновение, не може да се сведе само на личен пат. Тој секогаш има и суштинска заедничка димензија, во која навестувањето на воскресното ослободување станува конкретно преку братско служење.

Во таа смисла, синодалноста, која силно ја нагласуваше папата Фрањо, е темелна за животот на Црквата. Во манастирот таа се живее преку секојдневното заедничко одење, меѓусебното слушање, заедничкото расудување под водство на Светиот Дух, како и преку заедништвото со месната Црква и со бенедиктинското семејство.

Постојана формација

Како особено важна тема за денешното време, папата Лав XIV ја истакна и постојаната формација. Таа, објасни тој, пред сè се состои во познавањето на Христовата љубов, која го надминува секое знаење и е неопходна за посветениот живот на соодветен начин да ѝ служи на заедницата, на Црквата и на светот.

Во тоа целата заедница има активно учество преку молитвата, Божјото Слово, моментите на славење и одлучување, разговорите и обновата, сето тоа живеено и споделувано во првенството на љубовта.

Тоа подразбира обврска, рече Папата, сите мудро и разборито да ја поттикнуваат секоја добра намера и да го насочуваат секој напор кон заеднички раст во способноста за дарување, така што секој манастир сè повеќе да биде „школа за служење на Господа“, токму како што сакал свети Бенедикт.

Посредување

Папата се задржа и на уште една особеност на „клузурното мисионерство“, а тоа е посредувањето.

Посредувањето, рече тој, е својство на срца што чукаат во склад со Божјото милосрдие и се подготвени да ги соберат и да Му ги принесат на Господа радостите и тагите, надежите и вознемиреностите на луѓето од денешницата и од сите времиња.

01 април 2026, 12:45