Пребарување

Il Papa, ostentazione di forza e logica di prevaricazione compromettono la pace

Папата на светата Литургија во Монако: „Повикани сте да сведочите за живот во мир“

За време на светата Литургија во Кнежевството Монако, папата Лав XIV ги повика сите да не се навикнуваат „на татнежот на оружјето и на сликите од војната“ и нагласи дека Црквата во Монако е повикана да сведочи за живот во мир.

„Да не се навикнуваме на татнежот на оружјето и на сликите од војната!“

Папата Лав XIV го упати овој силен повик до верниците во Монако за време на светата Литургија што ја служеше на стадионот „Луј II“, во рамките на своето еднодневно Апостолско патување во Кнежевството.

Во својата проповед, Папата нагласи: „Секој прерано прекинат живот го ранува Телото Христово“, и потсети дека „мирот не е само рамнотежа на сили; тој е дело на очистени срца, на луѓе кои во другите гледаат браќа и сестри што треба да се заштитат, а не непријатели што треба да се поразат“.

Светиот Отец ја започна својата проповед со потсетување дека денешното евангелско четиво, според свети Иван, говори за суровата пресуда изречена против Исус и за денот кога членовите на Синедрионот решиле да Го убијат. Папата објасни дека таа одлука во голема мера била политичка пресметка, втемелена врз страв. „Ако Исус продолжеше да влева надеж и тагата на народот да ја претвора во радост, Римјаните ќе дојдеа и ќе го опустошеа народот.“

Затоа, рече папата Лав, наместо да Го препознаат Исус како Месија, како долгоочекуваниот Христос, верските водачи Го гледале како закана.

Папата забележа дека и денес гледаме две спротивставени сили: „од една страна, Божјото откровение, во кое Тој се покажува како Семоќен Господ и Спасител; а од друга страна, скриените замисли на моќниците, кои без двоумење сакаат да убиваат“. Папата нагласи дека, кога ќе го погледнеме денешниот свет, гледаме дека малку работи се промениле.

Колку заговори се коваат за да се убијат невините!

„И денес, колку заговори се коваат низ светот за да се убијат невините!“, осуди папата Лав, додавајќи: „Колку изговори се бараат за да се оправда нивното отстранување!“

Но и покрај псотојаноста на злото, папата Лав увери дека „Божјата вечна правда секогаш нè избавува од нашите гробови, како што го избави Лазар, и ни дарува нов живот“.

Тој потсети дека Господ нè ослободува од болката така што ни влева надеж и ги преобразува нашите тврди срца. Неговото милосрдие, рече папата Лав, го спасува светот и го штити секој човечки живот во сета негова кревкост, од мигот кога расте во мајчината утроба па сè до неговото гаснење.

Папата потсети и дека пророкот Езекиел, во првото читање, сведочи како Бог го остварува Својот план на спасение, почнувајќи со ослободување и довршувајќи го преку осветувањето на народот, кој тргнува на пат на преобраќање, слично на нашиот пат во Великиот пост.

На сличен начин, истакна Папата, и ние сме повикани да се вклучиме, наместо да останеме на приватно или поединечно ниво, за да можат да се преобразат нашите односи со Бога и со ближните.

Папата потсети дека ослободувањето има облик на очистување од „идолите“ што го оскверниле народот, од сè она што ги заробува нашите срца, нè измамува и нè расипува. И нагласи: „Господ го промени текот на историјата, повикувајќи нè од идолопоклонство кон вистинска вера, од смрт кон живот“.

Пред многуте неправди и војни

Папата продолжи со зборовите дека, пред многуте неправди што ги погодуваат народите и војните што ги погодуваат земјите, со сила одекнуваат зборовите на пророкот Еремија: „Ќе ја претворам нивната жалост во радост, ќе ги развеселам, ќе ги утешам по нивната болка“.

Идолопоклонството, нагласи Папата, ги прави луѓето робови едни на други, а очистувањето од идолите ги осветува. „Тоа е дар на благодатта што ги прави луѓето Божји деца и браќа и сестри едни на други.“ Овој дар, додаде тој, „го осветлува нашето сегашно време, зашто војните што го валкаат со крв се плод на идолопоклонството кон моќта и парите“.

„Секој прерано прекинат живот го ранува Телото Христово“, повтори папата Лав, повикувајќи: „Да не се навикнуваме на татнежот на оружјето и на сликите од војната!“

Затоа, Папата подвлече дека мирот не се состои едноставно во рамнотежа на сили, туку е дело на очистени срца, на луѓе кои во другите гледаат браќа и сестри што треба да се заштитат, а не непријатели што треба да се поразат.

Носете им радост на другите преку својата вера

Папата потсети дека Црквата во Монако е повикана да сведочи за живот во мир и под Божји благослов. „Затоа, драги пријатели, носете им радост на другите преку својата вера, покажувајќи вистинска радост, која не се добива како добивка, туку се споделува преку љубовта.“

Божјата љубов, рече Папата, е „изворот на оваа радост: љубов кон новиот и кревок живот, кој секогаш треба да биде прифатен и негуван; љубов кон младите и старите, кои треба да добијат охрабрување во животните предизвици; љубов кон здравите и болните, кои понекогаш се осамени и секогаш имаат потреба од внимателна придружба“.

Во свет во кој злото беснее, а срцата стануваат рамнодушни поради идолопоклонството, Папата се помоли Пресвета Богородица да им помогне да создаваат прифатлив и достоинствен простор за малите и сиромашните и да го поттикнуваат целосниот и инклузивен развој.

„Во продолжениот Велики пост на светот, кога злото беснее и идолопоклонството ги прави срцата рамнодушни, Господ ја подготвува Својата Пасха“, рече папата Лав, уверувајќи дека Господ го поддржува нашето патување и посланието на Црквата во светот.

30 март 2026, 07:45