Пребарување

2026.03.28 2026.03.28 Incontro con i giovani e i catecumeni - Viaggio Apostolico nel Principato di Monaco

Надеж, сомнеж, вера: Папата одговара на прашања од младите во Монако

Надеж, сомнеж, вера: Папата одговара на прашања од младите во Монако

Околу пладне, во сабота 28 март 2026 година, илјадници млади луѓе од цело Монако беа собрани пред црквата Света Девота на средба со папата Лав, што беше последниот настан од исполнетото утро на Папата за време на посетата.

Четворица млади жители на оваа мала држава беа избрани да му постават прашање на папата Лав. Првиот беше Бенжамен, 22-годишен студент и практикувачки католик, кој побара совет како да „остане уверен и да ја задржи надежта“ среде еколошките проблеми и насилните конфликти.

Во својот одговор, Папата го истакна чувството на „единство“, со самиот себе и со другите, кое произлегува од градењето однос со Христос.

„Љубовта му дава стабилност на животот“, рече Папата, пред сè „основното искуство на Божјата љубов, а потоа, како негово продолжение, светото и просветлувачко искуство на заемната љубов“.

Молитва и размислување за да се „смири вревата на делување и зборување“

Следното прашање го постави Андреја, 24-годишна верничка со потекло од Португалија, која праша како во мигови на „сомнеж и внатрешна празнина“ може да се погрижи нејзината вера „да остане цврста и жива“.

Во својот одговор, Папата ја нагласи важноста „да се расчисти влезот на срцето“ од неважните грижи, за да се остави простор за Светиот Дух.

Тоа, подвлече тој, „бара молитва и мигови на тишина и размислување“ за да се „смири вревата на делувањето и зборување, на пораките, рилсовите и разговорите“, како и поминување време лично со другите, за да се „вкуси убавината на вистинското и искреното заедништво“.

Надежта „не може да се импровизира“

Папата потоа одговори на прашањата на Итан, 25-годишен млад човек кој оваа Пасха ќе биде крстен, и на Софија, 35-годишна лекарка.

И двајцата го прашаа за конкретни начини на сведочење за Евангелието во секојдневниот живот. Итан праша како да сведочи за „љубовта што ни ги променила животите“, а Софија праша како да расте во милосрдието кон другите.

Во одговорот, папата Лав нагласи дека „зборовите и делата на сведоштво и надеж не можат да се импровизираат“.

Таквите дела, подвлече Папата, „не се плод на нашите сопствени напори, туку произлегуваат од длабок однос со Бога“.

Ако сме отворени за примање на Божјата благодат, истакна Папата, „можеме да имаме доверба дека вистинските зборови, како и силата потребна за дејствување, ќе дојдат во вистинскиот миг“.

„Самодарувањето“ како тајна на радоста

Приведувајќи го својот говор кон крајот, папата Лав ги повика младите во Монако „целосно да се даруваат на Господ и на другите“.

„Само така“, нагласи Папата, „ќе најдете трајна радост и сè поголема смисла на животот“.

Таа смисла, посочи тој, може да се остварува и на национално ниво: „Монако е мала земја, но може да биде големо место на солидарност и светилник на надеж.“

30 март 2026, 07:44