2026.03.28 Viaggio Apostolico nel Principato di Monaco - Incontro con la comunità cattolica

Папата Лав во Монако: Христос ја повикува Црквата на заедништво

Папата Лав XIV ја повика католичката заедница во Монако да ја обнови верата која ќе може да одговори на предизвиците на секуларизмот, да го промовира човечкото достоинство и со креативност и уверување да го навестува Евангелието.

Во Катедралата „Безгрешно зачнување“, во срцето на Кнежевството, папата Лав XIV во саботата претпладне, 28 март 2026 година, Папата се сретна со католичката заедница на Монако на пладневна молитва и понуди размислување насочено кон Христос како „наш застапник пред Отецот“.

Обраќајќи им се на верниците, Папата ги започна своите зборови со зборовите на апостол Иван: „Имаме застапник пред Бога: Исус Христос, Праведникот“, и ги повика сите присутни да го контемлираат таинството на спасението како Божја иницијатива на милосрдие кон човештвото обележано со слабост и грев.

Христос, рече тој, „го зеде врз Себе злото што се наоѓа во човештвото и во светот (…) и го победи тоа зло, преобразувајќи го и ослободувајќи нè засекогаш“.

Поздравувајќи ги кнезот Алберт II од Монако, надбискупот Доминик-Мари Давид, свештенството и верниците, Папата ја изрази својата радост што учествува во животот на една месна Црква која се одликува со разновидност и отвореност.

Дарот на заедништвото

Размислувајќи за Исус како наш застапник, папата Лав XIV најнапред го истакна дарот на заедништвото. Христос, рече тој, нè помирува со Отецот и меѓусебно, преку милосрдие што очистува, исцелува, преобразува и нè прави дел од едното Божјо семејство.

Тој нагласи дека ова заедништво има и општествени последици. Исусовото послание не ја обновува само духовната состојба на човекот, туку и човечкото достоинство, враќајќи го поединецот во заедницата. Во таа светлина, Црквата е повикана да биде „одраз во овој свет на Божјата љубов, која не прави разлика меѓу луѓето“.

Осврнувајќи се на месниот контекст, Папата забележа дека општествената и културната разновидност на Монако претставува богатство. Во Црквата, рече тој, таквата разновидност треба да биде знак дека сите се примени како личности и како Божји деца.

Црква што ја брани човечката личност

Папата потоа ја истакна и втората димензија на Христовото застапништво: навестувањето на Евангелието во одбрана на секој човек. Исус, рече тој, им дава глас на „заборавените и маргинализираните“, откривајќи милосрден Бог, Кој „постапува праведно и ја брани правдата за сите што се угнетени“.

Од таа перспектива, и самата Црква е повикана да биде „застапник“, посветена на целосниот развој на човечката личност. Евангелието, објасни тој, треба да ја осветлува човечката самосвест, односите меѓу луѓето и крајната смисла на животот.

Охрабрувајќи нов мисионерски жар, папата Лав XIV ги повика верниците да го „навестуваат Евангелието на животот, надежта и љубовта“, бранејќи го човечкото достоинство „од зачнувањето до природната смрт“. Воедно предупреди и на притисоците на секуларизмот, кои го сведуваат човечкиот живот на индивидуализам и економска продуктивност.

Жива и пророчка вера

Папата предупреди верата да не се претвори во рутина. „Живата вера секогаш е пророчка“, рече тој, и има сила да отвора прашања за правдата, солидарноста и етичките темели на општеството.

Поставувајќи го прашањето дали сегашните економски и општествени модели навистина го промовираат достоинството на сите, или остануваат затворени во „логиката на профитот како цел сама по себе“, Папата ги повика верниците својот поглед да го насочат кон Христос, зашто токму тој поглед води кон вера што го преобразува и личниот живот и општеството.

Таквата вера, нагласи тој, треба да се пренесува „со свеж јазик и со нови средства, вклучително и дигиталните“, со особено внимание кон оние што повторно ја откриваат својата вера.

30 март 2026, 07:41