Папата Лав XIV: Монако има повик да го поттикнува општественото пријателство
Папата Лав XIV во саботата наутро, 28 март 2026 година, пристигна со хеликоптер на хелиодромот на Кнежевството Монако, на почетокот од своето еднодневно Апостолско патување.
Кнезот Алберт II од Монако го пречека Светиот Отец, а потоа му приреди официјален пречек во Кнежевската палата, каде што двајцата разговараа, по што ги поздравија илјадниците луѓе собрани на плоштадот пред Палатата.
Во своето обраќање, Папата потсети дека тој е првиот Папа во поново време што го посетува Монако, кое е една од ретките европски држави во кои католичката вера е државна религија, иако слободата на вероисповед е загарантирана.
Со оглед на оваа длабока поврзаност меѓу Римската црква и Монако, Папата рече дека на Кнежевството му ја доверува задачата да ја продлабочи својата посветеност кон социјалната наука на Црквата и да го спроведува на меѓународно ниво.
„Дури и во култури што не се многу религиозни и се силно секуларизирани“, рече тој, „пристапот кон проблемите, карактеристични за социјалната наука, може да ја открие големата светлина што Евангелието му ја носи на нашето време, време во кое на многумина им е тешко да се надеваат.“
Папата Лав потсети дека Монако излегува на Средоземното Море и ја охрабри оваа мала држава да го прифати својот „повик да промовира средби и да го поттикнува општественото пријателство“.
„Дарот на маленкоста и живото духовно наследство“, рече тој, „ве повикуваат вашето богатство да го ставите во служба на правото и правдата, особено во еден историски миг кога покажувањето сила и логиката на угнетувањето му нанесуваат штета на светот и го доведуваат мирот во опасност.“
Папата ги повика жителите на Монако никогаш да не подлегнуваат на чувството на немоќ, туку да ја прифатат својата вера среде историските предизвици и одговорности.
Осврнувајќи се на плуралниот состав на Монако, тој рече дека тоа претставува мал свет во кој живо малцинство од месното население и мнозинство странски државјани придонесуваат за благосостојбата на Кнежевството.
„Во вашата заедница, многумина заземаат позиции со значително влијание во економската и финансиската сфера“, рече тој. „Многумина се ангажирани во различни видови служба, а присутни се и бројни посетители и туристи.“
Папата Лав истакна дека Царството Божјо ги потресува „неправедните облици на моќ и структурите на гревот, кои создаваат бездни меѓу сиромашните и богатите, меѓу привилегираните и оттурнатите, меѓу пријателите и непријателите“.
Потсетувајќи на католичкото наследство на Монако, тој рече дека Христовото царување го возвишува секој човек и нè поврзува едни со други, така што секој е повикан со љубов да го штити секој човечки живот и никој да не биде исклучен.
На крајот, папата Лав XIV го охрабри Монако да му ја покаже на светот длабочината на католичката социјална наука, за да се промовира општествениот напредок и да се насочува животот на човештвото.
