Пребарување

2026.03.28 Viaggio Apostolico nel Principato di Monaco - Trasferimento in elicottero da Città del Vaticano a Monaco

Папата Лав XIV ја започна својата посета на Кнежевството Монако

Папата патува со хеликоптер кон малата град-држава, која е одредиште на неговото второ апостолско патување. Во телеграмата испратена до претседателот на Италија за време на летот, тој ја изразува својата желба да го охрабри „сведочењето на христијанската вера“ и „градењето на општото добро“.

Нешто по 7:20 часот по римско време, во саботата наутро, на 28 март, хеликоптерот што го превезуваше папата Лав XIV полета од ватиканскиот хелиодром, со што започна неговото Апостолско патување во Кнежевството Монако.

Оваа посета е второто меѓународно Апостолско патување на Папата и првпат во поновата историја еден Папа да ја посети оваа мала град-држава. Неговото пристигнување во земјата е предвидено за 9:00 часот.

При напуштањето на италијанската територија, Светиот Отец испрати телеграма до претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела. Во својата порака, папата Лав XIV ја изрази својата намера да отпатува во Монако „за да го охрабри сведочењето на христијанската вера и градењето на општото добро“, а воедно упати срдечни поздрави и молитвени желби за духовен, граѓански и општествен напредок на италијанскиот народ.

Посетата на папата Лав на Монако е предвидено да трае нешто помалку од девет часа, а програмата опфаќа четири главни настани: посета на кнезот Алберт II од Монако во Кнежевската палата, средба со католичката заедница во Катедралата „Безгрешно зачнување“, средба со младите и со катехумените на плоштадот пред црквата Света Девота, како и света Литургија на стадионот „Луј II“, на која ќе ѝ претходи кратко минување меѓу верниците.

Околу 17:45 часот, е предвидено Папата да ја заврши својата посета на Монако.

Говорејќи во пресрет на посетата, кардинал Пјетро Паролин изрази надеж дека патувањето „ќе даде нов поттик на посланието на месната Црква“, зацврстувајќи ја заедничката посветеност на итните приоритети, како што се грижата за созданието, одбраната на човечкиот живот и промовирањето на меѓународната солидарност, со особено внимание кон најранливите.

28 март 2026, 09:38