Надбискупот на Кнежевството Монако: Папата ќе ни помогне да го препознаеме „скриеното сиромаштво“
Надбискупот на Монако, монсињор Доминик-Мари Давид, во разговор за ватиканските медиуми се осврна на претстојното апостолско патување на папата Лав XIV во Кнежевството, предвидено за 28 март. Одговарајќи на прашање за голема мултикултурна димензија на државата, во која живеат речиси 150 националности, надбискупот истакна дека богатството на Монако произлегува токму од таа голема разновидност на потекла. Затоа, папската посета на толку мала земја може да има големо значење, бидејќи, во крајна линија, се обраќа до целиот свет. Неговата мисија е да го пренесе Евангелието, да ја зајакне верата и да ја шири пораката за мир и за достоинството на човечката личност, нагласи надбискупот на Монако.
Коментирајќи го широко распространетиот стереотип дека Монако е симбол на богатство, надбискупот Давид напомена дека таму сиромаштијата е многу присутна и голема. Пред сè, постои материјална сиромаштија, понекогаш многу скриена и тешко забележлива. Околу границите на Кнежевството живеат многу луѓе кои работат во Монако и придонесуваат за животот на земјата, но понекогаш се наоѓаат во тешки услови, особено во однос на домувањето и трошоците за живот. Меѓутоа, присутни се и други облици на сиромаштија: осаменост и криза на смислата на животот, истакна надбискупот. Кога располагаме со одредена благосостојба и немаме големи материјални грижи, се појавуваат други прашања: каква смисла да му дадеме на сопственото постоење? Многу луѓе страдаат од осаменост, а многу родители се чувствуваат изгубено во врска со воспитувањето на децата, разводите и семејните драми. Затоа е важно да се откријат скриените сиромаштии, да се грижиме едни за други и да умееме да ги препознаеме состојбите на ранливост кои, иако не се секогаш видливи, сепак се реални и понекогаш многу болни.
Надбискупот на Монако, сепак, истакна дека таму се многу активни организации како Каритас, Друштвото на свети Винко Паулски, Легијата на Марија и бројни црковни или граѓански здруженија кои им помагаат на децата во тешкотии, ранливите семејства, постарите и болните лица. Улогата на Црквата, според тоа, не е толку да се грижи за квалитетот на животот и безбедноста што ги нуди Монако, туку да се грижиме едни за други, да бидеме внимателни кон луѓето и да не ја пропуштиме можноста да го сведочиме Евангелието на оние што се во потреба.
Надбискупот Давид потоа се осврна и на фактот дека католичката религија во Монако е државна религија. Многумина, затоа, очекуваат епископот и Црквата да зборуваат првенствено за духовното искуство и прифаќањето на верата. Сепак, особено при важни национални настани, настојувам да потсетам дека католичката вера не е само културен идентитет или историско наследство, нагласи надбискупот. Таа е и одговорност што влијае врз нашиот начин на живеење, нашите одлуки и нашето расудување. За некои луѓе тоа може да биде нова перспектива: не е доволно само да кажеме дека сме католици или да се гордееме со тоа. Потребно е верата да се преточи во конкретност во начинот на кој гледаме на светот и на другите, особено на најсиромашните, како и во доследноста на сопствениот живот и верноста на Евангелието.
Одговарајќи на последното прашање поврзано со посланието на Црквата во Монако, надбискупот Давид ја истакна сликата на изгубената овца, потсетувајќи дека е потребно да ги вложиме сите наши сили, свештениците, лаиците, парохиите и движењата, за Радосната вест да стигне до најоддалечените лица или до оние од кои најмалку го очекуваат тоа. Друга слика е средбата на Исус со Закхеј, истакна надбискупот на Монако, бидејќи Исус одлучува да влезе во домот на човек кој немал добар углед, иако бил богат и значаен во општеството. Тоа го прави едноставно за да му ја открие убавината и радоста на Евангелието, а преку блискост и пријателство му покажува дека Божјото Царство веќе е присутно, па влегува во неговиот живот и во неговото срце. Затоа верувам дека доаѓањето на Папата ќе биде голема благодат, заклучи надбискупот на Монако, монсињор Доминик-Мари Давид.
