Папата за Блискиот Исток: „Она што им штети ним, му штети на целото човештво“
И покрај дождливото време во Рим, илјадници ходочесници се собраа на плоштадот „Свети Петар“ за да молат Ангел Господов заедно со папата Лав XIV.
Папата повика на прекин на насилството
По молитвата, Светиот Отец ја изрази својата голема загриженост за состојбата на Блискиот Исток, како и за други делови на светот „разорени од војна и насилство“. Тој нагласи дека „не можеме да молчиме пред страдањето на толку многу луѓе, невини жртви на овие конфликти“.
Оваа постојана спирала на насилство, рече Папата, ги ранува сите, „она што им штети ним, му штети на целото човештво“.
Папата предупреди дека болката, смртта и страдањето што ги носат војните „се соблазна за целото човечко семејство и крик пред Бога“. Затоа ги поттикна сите да истраат во молитвата, „за да престанат непријателствата и конечно да се отворат патишта на мир, засновани на искрен дијалог и почитување на достоинството на секое човечко битие“.
Поздрав до учесниците на Римскиот маратон
Пред да го подели Апостолскиот благослов, Папата ги поздрави и илјадниците тркачи што учествуваа на Римскиот маратон, кој во истиот момент минуваше низ срцето на градот. Гледајќи толку многу спортисти од различни земји, Папата рече дека тоа „е знак на надеж“ и изрази желба спортот да може „да создава патишта на мир, социјална вклученост и духовност“.
