Пребарување

2026.03.18 Udienza Generale

Папата ги повикува бискупите во Рим на самит за „Amoris laetitia“ и пасторалната грижа за семејството

По повод десетгодишнината од постсинодалниот Апостолски поттик на папата Фрањо Amoris laetitia, папата Лав XIV за октомври годинава ги повикува претседателите на бискупските конференции од целиот свет на самит за семејството во Ватикан. Средбата ќе биде обележана со меѓусебно слушање и синодално распознавање на чекорите што треба да се преземат за да се навестува Евангелието на семејствата кои денес се соочуваат со многубројни промени

Потребно е повторно да тргнеме од Апостолскиот поттик Amoris laetitia, кој е еден од темелните столбови на понтификатот на папата Фрањо, за да ги согледаме современите промени во семејствата, да го споделиме она што веќе десет години се остварува во помесните Цркви и да сфатиме кои чекори треба да ги преземеме за денес да им го навестуваме Евангелието на семејствата, имајќи ги предвид облиците на сиромаштија и насилство што многу од нив ги трпат. Со оваа повеќекратна цел, папата Лав XIV ги повикува претседателите на бискупските конференции од целиот свет на самит за семејството, предвиден за октомври годинава во Ватикан. Повикот се наоѓа во пораката што Светиот Отец ја потпиша во четврток, 19 март, на празникот свети Јосиф, по повод десетгодишнината од документот на папата Фрањо објавен на 19 март 2016 година, за време на вонредниот Јубилеј на милосрдието, како плод на тригодишно синодално распознавање.

Светла порака на надеж

Римскиот бискуп го опишува поттикот, кој е во средиштето на бројни размислувања и расправи, како светла порака на надеж за брачната и семејната љубов. По повод десетгодишнината, тој му изразува благодарност на Господ за поттикот што го дал за продлабочување и пасторално преобраќање на Црквата. Воедно се моли за храброст Црквата да продолжи по тој пат, секогаш одново прифаќајќи го Евангелието со радост, за да може да им го навестува на сите луѓе. Осврнувајќи се на Вториот ватикански собор, Папата потсетува дека семејството е темел на општеството, Божји дар и школа на човечко изградување. Притоа додава:

Преку светотаинскиот брак, христијанските сопружници сочинуваат своевидна домашна Црква, чија улога е суштинска за воспитувањето и пренесувањето на верата.

Од Familiaris consortio до Amoris laetitia

Тој поттик го нагласиле папата Иван Павле II во Апостолскиот поттик Familiaris consortio (1981), како и папата Фрањо во документот Amoris laetitia. Двата поттика го поттикнале доктриналната и пасторалната заложба на Црквата во служењето на младите, сопружниците и семејствата. Папата Лав XIV забележува дека во триесет и петте години меѓу овие два учителски документи се случиле бројни антрополошки и културни промени. Затоа папата Фрањо сакал уште посилно да ја вклучи Црквата во синодалниот пат на распознавање, потсетува Петровиот наследник, и го спомнува говорот на папата Фрањо од 17 октомври 2015 година, одржан за време на XIV редовно собрание на Бискупската синода за семејството, во кој истакнал дека не е можно да се говори за семејството без да се обратиме токму на семејствата, слушајќи ги нивните радости и надежи, нивните болки и тешкотии. Светиот Отец додава:

Amoris laetitia нуди драгоцено учење што денес треба да продолжиме да го продлабочуваме: библиската надеж во Божјата присутност, исполнета со љубов и милосрдие, која ни овозможува да ја живееме љубовната приказна и тогаш кога се поминува низ семејни кризи.

Нови пасторални патишта

Осврнувајќи се на поттикот, папата Лав ја истакнува силата со која тој повикува да го усвоиме Исусовиот поглед и неуморно да го поттикнуваме растот, зацврстувањето и продлабочувањето на брачната и семејната љубов. Воедно повикува да откриеме дека брачната љубов секогаш е плодна и дека е реална токму во својата ограничена и земна димензија.

Папата Фрањо ја нагласи потребата од развивање нови пасторални патишта и зајакнување на воспитувањето на децата. Тој ја повика Црквата да придружува, да распознава и да ја интегрира кревкоста, надминувајќи го редуктивното разбирање на нормата, како и да промовира духовност што произлегува од семејниот живот, појаснува Светиот Отец во поракаta и додава: за да ѝ служиме на мисијата на навестувањето на Евангелието на семејството пред младите поколенија, треба да научиме да ја истакнуваме убавината на брачниот повик токму преку препознавањето на кревкоста, за да разбудиме доверба во благодатта и христијанската желба за светост. Притоа додава: Треба да ги поддржуваме семејствата, особено оние што трпат многу облици на сиромаштија и насилство присутни во современото општество.

Пасторалнa заложба што треба да се обнови и продлабочи

На крајот, Римскиот бискуп им се заблагодари на сите семејства кои, и покрај тешкотиите и предизвиците, ја живеат духовноста на семејната љубов преку илјадници вистински и конкретни гестови. Тој изразува благодарност и кон пастирите, пасторалните работници, здруженијата и црковните движења вклучени во семејниот пасторал. Оваа заложба, поттикна Светиот Отец, треба да се обнови и продлабочи, и додаде:

Нашето време е обележано со брзи промени кои, многу повеќе отколку пред десет години, ја истакнуваат потребата од посебно пасторално внимание кон семејствата на кои Господ им ја доверува задачата да учествуваат во мисијата на Црквата, во навестувањето и сведочењето на Евангелието.

На крајот, папата Лав XIV изрази желба оние што Господ ги повикува на брак и семејство да можат да ја живеат својата брачна љубов во Христос и младите да ја почувствуваат привлечноста на силата на брачниот повик во Црквата.

21 март 2026, 07:22