Папата: Вооружената служба треба да служи само за легитимна одбрана
На крајот од светата Литургија, која ја служеше во недела, на 9 февруари 2025 година, на плоштадот Свети Петар по повод јубилејот на вооружените сили, полицијата и безбедносните сили, Папата повторно даде препорака во светло на пасторалната конституција „Gaudium et spes“, кој во точката бр. 79 ја наведува должноста, а тоа е да се ублажи нечовечноста на војната.
Вооружена служба само во легитимна одбрана
Светиот Отец ова го истакна на крајот од евхаристиското славење, пред молитвата Ангел Господов, заблагодарувајќи им се на граѓанските власти присутни во Ватикан и на воените ординарии и капелани за нивната пасторална служба. Упатувајќи поздравите до војниците низ светот, Папата потсети на споменатата конституција, еден од главните документи на Вториот ватикански собор, во кој се вели: „Оние кои вршат воена должност во служба на својата земја, треба да се сметаат себеси за службеници на безбедноста и слободата на својот народ“. Тој истакна:
Таа вооружена служба треба да се користи само во легитимна одбрана и никогаш да не се наметнува доминација над другите народи. Секогаш почитувајќи ги меѓународните конвенции за конфликти, а пред се во светото почитување на животот.
Молете се за мир во регионите погодени од војни
Доверувајќи ја својата молитва на Дева Марија, царицата на мирот и повикувајќи ги сите да се молат за мир, папата Фрањо уште еднаш ги упати своите мисли за напатените земји: Украина, Палестина, Израел, Мјанмар, целиот Блиски Исток, Киву, Судан. Нека замолкне оружјето насекаде и нека се слушне крикот на народите кои бараат мир.