Со Света Литургија и евхаристиска процесија во Скопје прославен празникот Пресвето Тело и Крв Христови – Телово
Светата Литургија ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов. Со него сослужуваа катедралниот парох, отец Винко Маслаќ, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, бискупскиот канцелар протојереј ставрофор отец Марјан Ристов и катедралниот викар Томислав Рукавина.
Во својата проповед, епископот Стојанов се осврна на евангелскиот настан во кој Исус чудесно го нахрани мноштвото народ, но потоа ги поучил дека Тој е „живиот леб што слезе од небото“. Во продолжение потсети дека Христовите зборови за Неговото Тело и Крв предизвикале негодување кај многумина, а дел од учениците се повлекле бидејќи говорот им изгледал „тврд“. Наспроти тоа, апостол Петар ја исповедал верата на Црквата со зборовите: „Господи, кај кого да одиме? Ти имаш зборови за вечен живот.“ Епископот нагласи дека токму во Пресветата Евхаристија Христос се дарува како храна за вечен живот и дека преку светата Причест верниците се соединуваат со Него, а преку Него и едни со други.
Епископот истакна дека ова единство не може да остане само надворешен знак, туку треба да се покаже во животот, во љубовта и во односот кон ближните. Оној што го прима Христос во Евхаристијата е повикан да ги усогласи своите мисли, чувства и дела со Него, за да може навистина да живее како член на Црквата.
На крајот, епископот Стојанов упати честитки и благодарност до сестрите Евхаристинки, посветени на Пресветата Евхаристија, за нивната љубов кон Христос, Црквата и ближниот. Тој повика и на молитва за нови духовни звања, за да може оваа парохија да биде опслужувана од свои синови и ќерки.
Свечената Литургија беше збогатена со пеење на Катедралниот хор, под водство на Јулија Неловска, придружуван на оргули од Филип Костов.