Младите од Радово го анимираа Крстниот пат во Паљурци
Во недела, на 22 март 2026 година, на Четвртата недела од Великиот пост и празникот на Светите 40 маченици во Севастија, во светилиштето во Паљурци, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов во заедништво со свештеници од Струмичко-скопската епархија го предводеше Крстниот пат, кој се молеше на отворено на постојките кој водат до црквата на Чуката, посветена на Пресвета Богородица Утешителка – Паљурска. Крстниот пат го анимираа млади од парохијата „Свети пророк Илија“ – Радово, кои на визуелен начин го прикажаа страдањето на Господ Исус Христос.
На оваа побожност присуствуваа чесните сестри Евхаристинки, како и бројни верници од повеќе парохии од епархијата и бискупијата, сведочејќи за живата вера и заедништвото на локалната Црква.
По завршувањето на Крстниот пат, следуваше света неделна Литургија, која ја предводеше епископот Стојанов. Во својата пригодна проповед, епископот истакна дека покрај тоа што преку побожноста Крстен пат се потсетуваме на страдањата на Господ Исус Христос, исто така нé води кон подлабоко размислување за таинството на Божјата љубов и за спасението на човекот. Преку библиската паралела меѓу дрвото на познавањето на доброто и злото во едемската градина и дрвото на Христовиот Крст на Голгота, беше нагласено дека она што некогаш станало знак за падот на човекот, преку Христовата жртва станува знак на спасение и нов живот. Крстот, кој некогаш бил знак на срам и смрт, во Христос станува централен знак на надежта, искупувањето и победата над гревот и смртта.
Во продолжение тој истакна дека и денес човекот се соочува со страдања, болест, неправда, разочарувања и загуби, но токму во светлината на Христовиот Крст тие добиваат нова смисла. Крстниот пат затоа е пат на надежта, кој потсетува дека страдањето го нема последниот збор и дека по Велики Петок доаѓа светлината на Воскресението. Посебно беше издвоена и евангелската реченица: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“, како молитва што секој верник може да ја препознае како своја.
Настанот го организираше ректорот на светилиштето, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, во соработка со парохот во Богданци, протојереј ставрофор отец Тома Ангелов. На крајот од светата Литургија, ректорот изрази благодарност до сите кои придонесоа за успешната реализација на овој молитвен настан, посебно истакнувајќи го трудот на свештениците од Радово, отец Илија Стојанов и отец Атанас Сирачев, како и младите кои го анимираа Крстниот пат.
Настанот заврши со заедништво и разговор.