Пребарување

2026.03.20 The coats of arms of the Strumica-Skopje Diocese and the Skopje Diocese presented

Претставени грбовите на Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија

Во рамките на свештеничкиот состанок на Струмичко-скопската епархија, одржан на 18 март 2026 година во Струмица, беа претставени официјалните грбови на Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија.

Во рамките на свештеничкиот состанок на Струмичко-скопската епархија, одржан на 18 март 2026 година во Струмица, беа претставени официјалните грбови на Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија.

Грбовите ги презентираше Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, истакнувајќи го нивното значење како видлив израз на идентитетот и посланието на двете помесни црковни реалности.

Грбовите технички се изработени од Благој Костов, додека идејното решение произлегува од епископот Стојанов, во соработка и консултации со повеќе лица, со цел елементите на грбовите да го пренесат идентитетот и мисијата на Црквата во Македонија.

Грбот на Струмичко-скопската епархија е составен од штит поделен на три полиња, над кои се издига епископска митра, а од страните се поставени пастирски жезол и крст, како знаци на пастирската служба и духовната власт. Во левото горно поле, на црвена основа, е прикажано сонце со евхаристиски симбол, што упатува на Христос како центар на евхаристискиот живот на Црквата. Сонцето потсетува на Христос како Сонце на правдата, а воедно ја отсликува и македонската земја. Овој елемент е сроден со симболиката присутна и во личниот грб на епископот Стојанов. Во десното горно поле, на златна основа, е претставена Струмичката катедрала, како Мајка црква на епархијата. Во долниот дел од штитот е претставена Пресвета Богородица со Младенецот Христос, со што се истакнува нејзината улога како заштитничка и духовна мајка на епархијата. Под штитот се наоѓа лента со натпис: „Нека ми биде според словото Твое“, зборови на Пресвета Богородица како израз на вера, послушност и целосно предавање на Божјата волја.

Грбот на Скопската бискупија е изработен во форма на штит, над кој се издига бискупски крст и зелен галеро со реси, како традиционален хералдички знак на бискупската служба, преку која се изразува духовното водство на помесната Црква. Штитот е поделен на три полиња. Во едното поле, на златна основа, е претставена стилизирана црква, која го симболизира духовниот центар и историското присуство на катедралата во Скопје. Во другото поле, на црвена основа, е прикажано сонце со евхаристиски симбол. Во долниот дел од штитот е прикажано Срцето Исусово со круна и крст, симбол на Христовата љубов, кое потсетува на заштитникот на Скопската бискупија – Пресветото Срце Исусово, на кого е посветена и самата катедрала. Под штитот се наоѓа лента со натпис: „Да дојде царството Твое“, што го изразува посланието на Црквата за Божјото царство.

Покрај грбовите, беше претставено и официјалното лого на Католичката црква во Македонија, кое ќе се користи во комуникацијата и јавните настапи.

Визуелните обележја го претставуваат идентитетот на Католичката црква во Македонија и нејзиното послание.

21 март 2026, 07:29