Свештенички состанок во Струмица: Разгледани пасторални и административни прашања
Во среда, 18 март 2026 година, во попладневните часови, во просториите на катедралната парохија „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, се одржа свештенички состанок на Струмичко-скопската епархија, со кој претседаваше Неговото Високопреосвештенство монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх.
Состанокот започна со заедничка молитва, по што епископот Стојанов ги поздрави присутните свештеници и даде краток осврт на заклучоците од претходната средба. Потоа, отец Оливер Тантушев ги запозна присутните со записникот од минатата седница, по што беше усвоен дневниот ред.
На состанокот беа разгледани вкупно 13 точки од дневниот ред, кои опфатија теми од пасторалната и административната дејност на епархијата. Дел од дискусиите беа посветени на прашања поврзани со издавачката дејност, како и на размислувања за понатамошниот духовен развој на светилиштето во Паљурци.
Во завршниот дел беа изнесени повеќе извештаи од пасторална и административна природа, со акцент на тековните активности и идните насоки на делување на епархијата.
Состанокот се одржа во дух на заедништво, со цел унапредување на црковниот живот и пасторалното делување во епархијата.